Euro Colleague
Bucen Kozjak

На Куманово му фалат велосипедски патеки

Денис Колевски

Интервју со Денис Колевски, велосипедист

Што не ви се допаѓа во Куманово?

Во Куманово не ми се допаѓа тоа што нема доволно паркинзи за автомобили, гледаме дека автомобилите се на тротоарите и нема каде да се помине.  Нема доволно паркови и зеленило освен кејот. Има парк во Соколана , ама не можат сите таму да одат. На пример некој од населба Перо Чичо далеку му е да отиде до Соколански парк. Треба да има повеќе паркови и зеленило во приградските населби. Да има луна паркови за деца, со лулашки и клацкалки. Нема патеки за велосипедисти како што има во секоја држава. Треба да има барем две-три патеки за велосипедисти во Куманово. Да почнува патека на пример од Проевце па се до крајот на кејот и да биде обележана со знак дека е за велосипедисти.

Што би смениле во градот?

Да се направат повеќе паркови. Да се реновира Спортската сала во интерес на сите спортисти и млади. Да се одржуваат повеќе натпревари во Куманово, не само за велосипедизам, туку и за други спортови. Автобуската станица изгледа многу заостанато и треба да се реновира, да се среди. Кога ќе врне нема луѓето каде да стојат, па стојат надвор. Кино има во многу градови, кај нас нема ништо. Нашиот плоштад е голем и може да се направи нешто, да се збогати со некоја содржина. Фонтаната Батко Ѓорѓија не работи секогаш. Убаво би било да работи постојано, бидејќи тука поминуваат деца, луѓе.

Каде ќе прошетате гостин кој прв пат доаѓа во Куманово?

Би го прошетал на кеј и до Кокино. Да му покажам дека Кокино е една од три такви опсерватории во светот, да му објаснам. Има таму чист воздух, убаво е. Би го одвел во некој ресторан или кафиќ. Друго нема многу што да се види. Може да го прошетам до манастирите во селата Скачковце или Габреш, ама тоа е подалеку во околината на Куманово. Сега се гради базен, па кога би бил готов убаво би било да се посети.

Што не би покажале на гостин кој прв пат доаѓа во градот?

Автобуската станица не би ја покажал кога доѓаат гости. Исто и Спомен костурница не би ја покажал бидејќи изгледа многу лошо. Еднаш таму имавме трка и местото е валкано, имаше една куќарка и секаков смет наоколу. Не знам каков впечаток тоа им остави на учесниците на трката, но секако не е убаво. Другите делови на градот колку - толку се посредени.

По што Куманово е посебно и се разликува од другите градови?

Куманово е втор по големина град и има убава местоположба. Ми се допаѓа местото,  не е планински град.  Блиску е до граница и блиску е до Скопје. Посебен е по дијалектот кој го зборуваме. Сум прошетал многу градови во Македонија. Куманово од некои мали градови е поубаво, но сепак како голем град треба да биде посреден.