Bucen Kozjak

Феникс

Сашо Тодоровски

Почитувани пријатели, скоро дваесет и пет години ги чекаме подобрите денови во Македонија.Подобри плати, посилна економија, вработувања од кои ќе може пристојно да се живее, а не да се преживува.Чекаме подобро здравство, квалитетно образование.Почитување на работничките права.И чекаме…

Последниве единаесет години наместо да се препородиме ние потонавме, во секоја смисла и економски, и морално и етички. Останавме темна празнина во овој дел од Европа. Слобода на медиуми на последно место, образованието според светски реномирани агенции и квалификации исто така на последното место заедно со образованието на Судан, Зимбабве и Сомалија. Бесполезни се сите реформи на хартија, бесполезни се сите про форма таканречени ,,силни обуки,, се е залудно. Фактите кажуваат дека нашето образование е на дното во светски рамки. Застарено и амортизирано. Ние може да се удираме во гради, да казнуваме, да се закануваме на наставниците, но се е залудно, нашите дечиња после завршување на училиштето си одат, оние кои сакаат да студираат одат во странство, а оние кои сaкаат да работат  исто така во странство.

Здравство – што да се каже и покрај сите реформи и термини повторно нема гази и инфузии, во болниците, лековите сами си ги купуваме, инвентарот е од партизанско време (не зборувам за приватните ординации и болници).Платите на здравствените работници недостојни за хуманата професија коај ја извршуваат.И секако ќе учат германски јазик и ќе заминуваат во странство по подобри услови и плати.

Зимава заевеа снег од 10 сантиметри, а ние не можеме да ја исчистиме Македонија и градовите. Немаме машини. Во изјава за ТВ, битолскиот директор на Македонија пат вели: Последното возило ни е купено пред дванаесет години…Амортизирано е вели….

А ние уште чекаме подобар живот. Младите веќе немат трпение да чекаат, си заминуваат, а ако останат тука велат не ме интересира политика. Ќе гласам според моите убедувања но после тоа не сакам да сум зависен од политика, сакам да работам и да заработувам, не сакам да бидам член на политичка партија за да се вработам, политиката нека ја водат политичарите, а не сите да се маѓепсани со политиката. Велат сакаме да живееме, да шетаме, да заработиме и да уживаме во животот. Да купиме стан, да оформиме семeјство, да можеме да ги прошетаме децата, да им купиме се што ќе посакаат. Сакаме да живееме. Потребно е новото сонце да ја огрее Македонија да влеземе во 21 век целосно, да го надминеме средниот век и повторно да ги изградиме вистинските вредности, а и да ги негуваме.

Потребно е да се вратат еднаквоста и праведноста во држава.Недозволиво е некој менаџер и покрај неспособноста, по отказот од некоја фирма да прими отпремнина во милиони, а продавачка на касата за 10 денари да биде отпуштена.Не смее некој ланец на ресторани воопшто да не плаќа данок, а некоја мала пекара во некој град да биде оданочена за секој заработен денар.

Ако сакаме праведно општество мораме да ги вратиме постулатите законот да биде еднаков и да важи за сите и за секој.

Премногу се вративме во минатото, а ја запоставивме иднината. Македонија мора да се возобнови, да се воздигне и да се приклучи кон светските модерни текови во сите сегменти.Македонија  мора повторно да стане почитувана држава во регионот, Македонија  мора да си ги врати старите пријатели во светот и да создаде нови. СДСМ има енергија, има луѓе и знаење што може да го направат македонско општество поубаво.

Почитувани пријатели потребно е да се соземеме и да се обидеме да направиме од Македонија пристојно место ако сакаме да ја сочуваме државата. Македонија ќе добие  влада која ќе создаде услови за живот на граѓаните, зголемување на платите, водење на една реална, здрава и модерна политика која ќе допринесе за просперитет на државата.Фениксот , нашата Македонија мора да оживее, мораме да го почувствуваме животот. А ние тоа го можеме, сите заедно да направиме нешто добро за државата.

Потребно ни е да ја претвориме меѓусебната омраза во почит и пријателство помеѓу нас. Поделбите и sидовите уништуваат, мостовите се онаа кое го гради општеството.

Сашо Тодоровски, портпарол во СДСМ

*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*