Bucen Kozjak

Каков градоначалник нејќам!

Столе Божиновски

Изминатите денoви на ова место имав прилика да си кажам каков градоначалник сакам кога веќе на 15 октомври ми се дава можност да бирам. Ветив дека во наредната прилика на истово место ќе кажам КАКОВ ГРАДОНАЧАЛНИК НЕЈЌАМ. Пааа, нејќам политичар во принцип, а згора градоначалник –послушник (вулгарно речено подопашник на башчаушот од царштината во Скопје). Треба да се сторам овца за да гласам за кандидат за градоначалник кој својата политичка кариера главно ја одмолчал. Говорел само однапред напишан реферат, а не се одавжил и не покажал знак на неодобрување на пример ни во ситуацијата кога централната власт со најразлични злосторнички керефеки го блокира буџетот и ја пустоши касата на неговата Општина само затоа што е неосвоив бастион на политичкиот противник. Елегантно премолчува и таков гаф на својот партиски шеф кој во својство на премиер во една прилика Куманово како Опшптина го брише од географската карта на ,,неговата“ држава. Е, па за таков кандидат за градоначалник на Куманово не гласам ни во сон!

Што уште да кажам? Нејќам градоначалник – немтур (да прости неговото почитувано лице )кој комуницира со јавноста само под строго пропишаните узуси на својата партија. Кој не смее да излегува на јавно соочување со политичкиот противник (апла покажува интелектуална инефриорност), кој не умее да дебатира со новинари... Со еден збор нејќам градоначалник кој, без одобрување на султанот во Скопје, не смее ни да пр... Ете, јас си кажав каков градоначалник нејќам, по цена и без истиот да останам. А вие почитувани сограѓани – како ве учи умот.

Столе Божиновски

*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*