Bucen Kozjak

Сликичкa родена од мисла

Елизабета Секирарска

Подготвувам куп материјали за настава, за кои потрошив некој добар час и притоа се обидувам да си ја стасам мислата која ме мава в чело, колве над веѓите и ми ги затвора очите од замор.  Некако не ме напушта помислата дека некои работи се навистина со предзнак "попусто" и дека што и да направиш, чуда не се случуваат - грдото и натаму си е грдо, погрешното и непотребното се уште попогрешни и понепотребни, искривеното е уште покриво, а вистинското ѕирка од зад ќошот и се прашува кога ќе му дојде редот. Убавото, чесното Вистинско. Кутрото. Свесна дека ако образованието, фундаментот кој мора да е здрав за да држи на плеќите здрава општествена градба е вакво какво што е, тогаш општеството станува неговото огледало и сите грди гримаси на тоа деформирано лице стануваат маски важечки за сите сфери преку кои тоа функционира. Тогаш прават само едно – да не функционира.

Знаете, тоа се оние моменти кога се прашуваш како да помогнеш во лекувањето на училницата, сериозно заболена и на пат да легне впостела од која тешко ќе се крене. Правиш ли ти воопшто како што треба, ако нема фидбек на тоа што го правиш или пак е толку мал, да за него се фаќаш како давеник за сламка, во обид да му дадеш уште малку алиби на напорот кој го теглиш низ животот како багаж по личен избор. Оти не умееш поинаку и сметаш дека само така треба..

Слушам секојдневно за дипломи добиени онака, без студентско препотување и гледам дека тие кои таа опашка ги следи немаат проблем со тоа да се сомневаат во дипломите и знаењето добиени чесно, оти не знаат што е тоа, нели. Тоа незнаење ги прави силни и им дава моќ. Оти кога незнаењето е оружје во рацете на моќниот, оној кој знае може само немоќно да гледа како промашувањата се нарекуваат погодоци.

Гледам секојдневно армија млади со невиден капацитет, закржлавени во работните навики бидејќи разбрале дека тоа што од навиките да учат ќе произлезе никој не им го бара. Свесно избираат училишната клупа да им биде локација за отседување, а училиштето прифатен центар во кој ќе го поминат денот од една единствена причина - мораат. Со денови, недели, месеци. Години. Со по 4, 5, 6 слаби оценки цела година. Со будење во мај, кога на професорот му е жал да не им прости за последен пат и помагајќи им, всушност им одмага бидејќи ниту тогаш не е во состојба да стои зад својот критериум и да им каже дека таа последна лекција сепак ќе мора да ја научат. Ќе им треба за во животот. Ама не, доцна е. Ги знаат тие сите лекции веќе многу добро, бидејќи е полесно да учат од оние надвор, високо качени на ридот и незаслужено позиционирани таму, отколку од оние кои посветено стојат во подножјето и сакаат да ги научат дека качувањето е процес кој влече жртва, упорност, верба, амбиција. Доцна е, едноставно.

Гледам колку лесно се успеа во она што за образованието треба да е невозможно - професионализмот да заталка и пред се, да се загуби оној  непишаниот, но така подразбирлив  принцип во воспитно-образовната работа: за да бидеш Учител, мора да бидеш Добар човек. Сето останато е работа на лична амбиција, на себепрепознавање во професијата и на осетот за професионална одговорност.  Но, ако носиш црнило во душата, не ти е место во училницата. Оти така единствениот Крст кој ќе го носиш на челото учителско е само еден - добрината. Онаа која децата ќе ја изнесат како најголемата придобивка од сопственото зреење, ќе им биде водилка цел живот и ќе им овозможи нештата со кои ќе се соочат во животот да ги препознаваат онакви какви што се и кон нив да се однесуваат така како што заслужуваат. Најважната лекција во животот.

Знаете, силно сакам да имам верба во тоа дека ова во што образованието се престори, овој воспитно-образовен организам кој јаде до коска и самиот себеси се уништува јадејќи не нас, еден ден ќе се засити и дека сите ние кои со години молкум го храниме со сопствената слабост, сепак ќе разбереме дека не е силен затоа што навистина ја има силата.  Таков е затоа што ние му овозможуваме да биде таков, не покажувајќи му дека некои нешта не смеат да се случуваат само и само од една причина - погрешни се. Не затоа што овој или оној ги прави, па целата слика добива погрешна рамка од која професионализмот не може да се здогледа и непотребно и со невидена леснотија се бои со припадност, туку затоа што не се во интерес на оние заради кои овој прекрасен систем само и треба и мора да постои - децата.

Мерам и се прашувам кој е виновен и - знам.

Знам  и не смеам да им се лутам на децата, затоа што на последица непотребно и некоректно  ќе и се лутиш, ако не си сторил ништо со причината.

Си велам дека не заслужувам да си се лутам ниту себеси, затоа што знам дека она што сум јас во мојата училница е она што сум навистина јас, со сето срце во кое има место за сите деца кои покрај мене раснат, со мене и од мене учат и за кои секогаш сум тука. И тогаш кога ќе ме напуштат и ќе си одат од средношколските клупи - тие тоа го знаат.

Ама знам и дека сум носител на вина. Знам дека во немоќ се мирам со здушното одмолчување, кое креира општа тишина.  

Ама знам и дека ако образованието е облечено во молк и покрај кривите шевови, што може да се очекува од другите сегменти, креирани од оние кои сме ги учеле?

Ама знам и дека ако сите ние макар и за момент си помислиме дека можеби и подобро ќе ни е да си молчиме, треба ли воопшто и да зборуваме? Имаме ли воопшто право на збор во тој случај? Не е ли ова нем филм со масовни сцени на молчење, затоа што се прашуваме не е ли подобро така? Не е ли тоа наш придонес за опстојување на деформацијата и нејзиното упорно етаблирање како исправност?

Да, навистина знам кој е виновен.

Елизабета Секирарска, професор во СОУ „Перо Наков„

*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*