Euro Colleague
Bucen Kozjak

Кумановци навиваат за добар фудбал

Домаќинот Франција, Англија, Германија, Шпанија, Италија, Хрватска и Албанија, се фаворитите на кумановци на Европското фудбалско првенство во Франција. Неколку дена по почетокот на ЕП се покажа дека фудбалот е навистина најважната споредна работа на светот.

Кумановци навиваат за добар фудбал

Фудбалските натпревари се гледаат со големо внимание, а мислењата и очекувањата на нашите соговорници се поделни. Политичари, спортски работници, новинари и граѓани прашавме кои се нивните фавотити и кого сакаат да гледаат во големото финале. Додека едни репрезентации се сметаат за фаворити, други во нив гледаат аутсајдери. Заедничко на сите им е да има добар фудбал, но едногласни се и дека сакаат што поскоро да ја видат Македонија на меѓународни спортската манифестација за да се радуваат на успесите на својата земја.

 Александар Маневски, тренер

„Јас типувам на Франција како домаќин, а Бегија и Хрватска се фаворити од сенка. Но никако не смее да се заборави и квалитетот на Италија и Германија. Според моите прогнози финалисти ќе бидат Франција и Хрватска. За најдобар играч уште е рано да се зборува, но секако треба да ги напоменам Роналдо, Иниеста, Модриќ. Од досега прикажаното Хрватска има најдобра репрезентација, но сеуште не сме ги виделе останатите“.

Мартин Костовски, политичар

„Во месецот пред нас ќе уживаме во најважната споредна работа на светот.По три натпревари на ден е вистински десерт за секој маж. Јас сум голем навивач на репрезентацијата на Англија, едноставно мислам дека е време фудбалерите на Англија кои се во подмладен состав на ова првенство да стават крај на постот во освојувањето на титули. Англиската Премиер лига е најдобрата во светот, колевка на фудбалот е оваа земја.Искрено се надевам дека оваа првенство ќе пружи квалитетни утакмици, незаборавни дриблинзи и незаборавни голови. Моја прогноза а и желба е во финалето да се сретнат Англија и Шпанија. Притоа ќе гледаме квалитетни играчи како Иниеста и Руни. За крај ќе порачам: Come On England !!! !!!“

Претседателот на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и советник Драган Петковски, како фаворит за освојување на титулата на Европското првенство ја гледа Франција, затоа што е земја домаќин.

„Во финалето ќе играат Франција против Германија или Шпанија. Роналдо по мое мислење ќе биде најдобар играч на првенството, бидејќи е во години кога може да го даде својот максимум, а игра во репрезентација каде се е подредено на него. Најубав фудбал играат Шпанците, а најголемо разочарување по обичај ќе биде Англија“.

Петковски смета дека ќе дојде денот кога и фудбалската репрезентација на Македонија ќе биде дел од големите натпреварувања.

„Едно време се мислеше дека Македонија не може да има ни репрезентација. Времето покажа дека може да бидеме четврти во Европа во кошарка, петти во ракомет, па зошто да не можеме да играме на европско или светско првенство во фудбал„- додава Петковски.

Шенџан Јусуф, спортски новинар

“Мој фаворит е Германија, актуелен светски шампион, а очекувам во финале да играат со домаќинот Франција или селекцијата на Шпанија. Репрезентацијата на Германија е составена од искусни фудбалери, меѓу кои ќе ги издвојам, голманот Ноер, секогаш агресивниот и за голови подготвен Милер, моментно најдобриот асистент во Европа, Озил, тука се Шванстајнгер, Крос, Кедира... Кои заедно играат од 2010 година. Сега засега се игра по групи и можни се изненадувања. По мене Португалија нема да дотурка далеку без оглед што го имаат Роналдо, моментално најдобриот светски фудбалер. Краен домет ќе им биде четвртфинале. И за Хрвтаска очекувам дека ќе игра четврфинале, а тогаш се нокаут натпреварите и многу зависи со кого ќе играат„.

Бране Петрушевски, политичар

„Мој личен фаворит на оваа Европско првенство во фудбал е репрезентацијата на Англија, од причина што сум навивач на англискиот клуб Ливерпул и редовно ја следам англиската Премиер лига. Тешко е да се прогнозира кој би играл финале на едно вакво натпреварување, но посакувам една фудбалска класика помеѓу Англија и Германија. Но, секако во групата на фаворити за финалето спаѓаат и домаќинот Франција, Шпанија и можеби како фаворит од сенка Белгија. Немам некој посебен фаворит помеѓу играчите, но очекувам и посакувам блесок на некој од англиските репрезентативци на Ливерпул. Што се однесува до нашата репрезентација, имајќи в предвид дека нашите репрезентативци во младинските категории почнаа да прават одредени забележителни резултати, сметам дека не е далеку времето кога и Македонија ќе биде дел од една ваква манифестација“.

Марјан Спасовски, политичар

“Фаворит ми е Франција, пред се поради стилот на игра кој го форсира, а на кој главна одлика му е брза трансформација од одбрана во напад. За таков стил е потребно да имате беспрекорен среден ред, брзи и спретни напаѓачи, кои со секој допир на топката ќе бидат потенцијална закана за противникот. Навистина станува збор за одлични индивидуалци кои се подредени на тимот, а ако на тоа го додате и фактот дека се домаќини повеќе од јасно е дека се вбројуваат во најсериозни конкуренти за титулата. Очекувам финале да играат Франција и Германија, првите поради горе наведените причини, а вторите затоа што ги одликува една многу важна карактеристика а тоа е дисциплината. Големите натпреварувања и големите натпревари раѓаат големи играчи, сеуште е рано да се каже кој е најдобар играч, но сигурно е дека во една ваква конкуренција главни кандидати се Пол Погба и Кристијано Роналдо. Покрај Франција, со квалитена игра се и Шпанија и Португалија кои располагаат со исклучително квалитетни фудбалери кои се многу креативни и технички дотерани. Но не победува секогаш подобриот, а како доказ за тоа во изминатиов период е репрезентацијата на Грција која го освои Европското првенство во 2004 година со една неатрактивна и непопуларна игра во која примарна цел беше да се сочува сопствениот гол„.

Раде Трендафиловиќ, планинар

“Шпанија ми е фаворит, а финале ќе играат Германија и Хрватска. По мое убедување изненадување на првенството ќе биде Белгија и можеби Албанија, а разочарување Англија. Македонија за жал тешко дека ќе успее некогаш воопшто да влезе и во бараж за квалификации. Се додека не се смени нешто во државата, спортот да го водат спортисти кои се ентузијасти а не профитери и политичари.

Дарко Станојковски, политичар

„Moj фаворит е Италија. Финалето по мене ќе го играат Италија- Шпанија. За тоа кој ќе биде прогласен за најдобар играч сеуште е рано да се каже, бидејќи не се одиграни многу натпревари ама досега никој не се истакнал посебно, сите се просечни. Разочарување на првенството како и досега ќе бидат Англичаните. Македонија ќе може да учествува на ЕП само по радикални промени во раководството на ФФМ, кога ќе престане македонскиот фудбал да биде инструмент за лични интереси“.

Бобан Николовски, политичар

“Мислам дека ова првенство ќе биде најизедначено до сега. Хрватска покажа добра игра, а има и добар тим. Сметам дека Франција има перспективен тим и ќе отиде далеку на првенството. Со интерес ќе ја следам и Белгија, а мислам дека Шпанија нема да биде тоа што веќе беше. Мојот омилен играч Меси не е на Европското првенство, па кога тој не е во конкуреција, на врвот би можеле да се појават Погба од Франција и секогаш добриот Иниеста од Шпанија. Би сакал во финале да ги гледам Франција- Хрватска, а за трето место Германија-Белгија. Секогаш сум оптимист и сметам дека Македонија посебно со младите играчи кои доаѓаат, а под услов да се работи квалитетно со нив ќе можат да се пласираат на едно првенство посебно сега кога на европско одат по 24 екипи а начинот на квалификации ни оди во прилог.

Ашмет Јашаревски, невладин сектор

“Јас навивам за Хрватска и мој фаворит е истотака и Германија. Се надевам дека овие две репрезентации ќе си ги одмерат силите за освојување на првенството. Објективно, Германија има најголеми шанси затоа што е светски првак има константно силна екипа, која игра заедно повеќе години. Истовремено имаат добар стратег - тренер. Посакувам за некоја година и Македонија да игра на Европското првенство“.

Илир Саити, директор на ЈП „Пазариште“ е голем љубител на фудбалот и навивач на Реал Мадрид. Тој со големо внимание го следи Европското првенство најчесто со своите другари и пријатели, но неретко и со своето семејство. Вели дека покрај репрезентацијата на Албанија, во срцето му е и тимот на Италија.

„Мој фаворит на ова ЕП е Албанија. Репрезентацијата е за прв пат на ова натпреварување, имаат многу добри и млади играчи и многу добар селектор. Мислам дека далеку ќе стигнат и ќе бидат нај пријатното изненадување. Во финалето може да ги гледаме Англија-Белгија или Германија-Шпанија. Најдобар играч во тимот на Албанија е Шкелзен Гаши, а Роналдо ќе биде најдобар играч на првенството. Најдобар фудбал играат екипите на Англија, Белгија, Хрватска и Германија, а според мене Франција ќе биде најголемо разочарување“.

Томица Илиќ, политичар

„Фаворити ми е домаќинот Франција и Германија. Во финалето би сакал да играат Русија ама ќе треба многу да се потрудат и можеби Италија. Кој ќе биде најдобар играч ќе покаже првенството, а до сега најдобро изигра репрезентацијата на Италија. Македонија да се надеваме дека некогаш ќе дојде во ситуација да се бори за пласман на ЕП“.

На Дејан Ристов, секретар на ВМРО-ДПМНЕ фаворит му е Англија. Тој смета дека оваа генерација на фудбалери конечно ќе успее да стигне до титулата европски шампион.

„Во тимот има големи таленти со голема креативност, нема многу ѕвезди како порано и затоа не се изложени на голем притисок од страна на домашната јавност. Во финалето очекувам да играат Англија и домаќинот Франција. Најдобар играч е Кристијано Роналдо. Најдобар фудбал играат Англија, Шпанија Франција и Германија.Очекувам со убав фудбал да истакнат и Белгија и Хрватска. За разочарување тешко е да се одговори. Најмногу се очекува од Германија и Шпанија, се што ќе биде помалку од полуфинале ќе биде разочарување. Македонија сигурно во блиска иднина ќе стане поконкуретна во борбата за учество на европско и светско првентство.Се појавија многу квалитетни  млади играчи кои се повеќе добиваат шанса во првиот тим на репрезентацијата.Со добра организација и силна желба за победа ќе почнат и успесите кои долого време ги чекаме“.

Марјан Стошевски, новинар

„На Европското првенство во Франција издвојувам четири репрезентации кои ќе се борат за највисок пласман. Тука во преден план ги издвојувам Шпанија, Италија, домаќинот Франција и Белгија. Се работи за репрезентации кои имаат одлични екипи и очекувам тие да водат главен збор на овој шампионат. Шпанија има огромно искуство за вакви турнири, Италија сметам дека на ова првенство ќе успее да се наметне, додека домаќинот Франција со голема мотивација ќе се бори и ќе успее да влезе во самата завршница. Белгијанците важат за исклучително компактна екипа и според имињата се во самиот врв, и јас лично сметам дека се потенцијален кандидат за врвот. Сепак кога ќе се подвлече линијата, според мене главен фаворит на првенството е Италија. Во финалето ги очекувам Шпанија и Италија. Се работи за многу искусни селекции кои знаат да играат на резултат. Од секогаш сум голем љубител на играта на Андрес Иниеста и тој е мој фаворит за најдобар поединец. Во конкуренција би ги вметнал уште и Азар од Белгија, како и Гризман од Франција. Тоа е тројката од која очекувам да се прикаже во вистинско светло во своите репрезентации. Најголемо разочарување на ова првенство ќе биде Германија, која нема да стаса до завршницата. Сметам дека оваа екипа на Јоаким Лев е веќе прочитана и нема да има сили за некој поголем резултат. Искрено се надевам дека Македонија еден ден ќе ја видиме на големата фудбалска смотра, но да оставиме времето да покаже дали сме способни за таков успех“.