Bucen Kozjak

Кумановец авто-стоп прошетал 30 европски градови

Милош Димковски (22) од Куманово, апсолвент на Филолошкиот факултет, за 45 дена пропатувал повеќе од 5000 километри низ четири земји во Европа, при што посетил повеќе од триесет градови.

 Кумановец авто-стоп прошетал 30 европски градови

 Милош патување го започнал од Шварцарија, па заминал во Франција, Германија, а завршил во Италија. Првпат стопирал автомобил во градот Веве, а потоа продолжил авто-стоп низ останатите држави. Неговото патешествие и запознавање на нови култури, средини и луѓе траело месец и половина. Се возел со автомобили, камиони, а повремено морал да патува и со воз. Димковски раскажува дека најлесно и најбрзо наоѓал превоз во Швајцарија и Германија, а потешко му одело во Франција и Италија.

Подолго време го планирав патувањето и се распрашував кај луѓе кои патувале авто-стоп како да се организирам. Многу време ми требаше и психички да се подготвам. Таков вид на патување многу го менува човекот. Кога ќе отидеш на пат, сфаќаш кој си и што си. Почнуваш да ги разбираш твоите и постапките на околината. Знаеш да уживаш во многу помали работи. Чувствував голема слобода на патувањето, буквално како цел свет да го имав на дланки - објаснува Димковски.

Додека траело патувањето тој престојувал кај роднини, пријатели, познаници, спиел во паркови и на железнички станици, но пронаоѓал и луѓе преку интернет кои сакале да примат странец, заради дружење и запознавање на нови култури. Младиот студент не размислувал дали патувањето е ризично, го победил стравот, надвладеал предизвикот да прошета што повеќе земји.

Со луѓето комуницирав на англиски јазик, а ако возачот е повозрасен и има јазична бариера, тогаш се разбиравме со гестикулации. Запознав многу нови луѓе со кои се допишувам сега - вели Милош.

 Од она што го видел, Швајцарија му оставила најубав впечаток, можеби, затоа што имал најмногу време да ја прошета.

Париз и претходно го имам посетено, но сега ми се допадна на некој посебен начин. Џенова и Рио Маџоре ми беа симпатични затоа што имаат специфична архитектура, шарени куќи изградени во карпи.  Кога дојдов до Трст, фати невреме. Многу врнеше, буквално пола Трст беше под вода и заклучив дека веќе нема поента да патувам. Веќе и со финансиите бев при крај, и со автобус се вратив назад - вели Димковски.

Тој им препорачува на младите ако сакаат да се “исчеличат“, да си го зацврстат карактерот да појдат на ваков пат. Неговото птаешествие нема да застене тука планира повторно да замине во авантурата авто-стоп. Размислува да ја посети Турција, да ги истражува Шпанија, Португалија, Мароко...