Euro Colleague
Bucen Kozjak

Кумановец претседател на Здружението на енолози во Македонија

 Борко Петковски од винаријата „Премиум“ од Куманово е избран за претседател на првото Здружение на енолози во нашата земја, за кое Основачкото собрание се одржа минатата недела во Штип.

Кумановец претседател на Здружението на енолози во Македонија

Здружението, кое понатаму ќе функционира самостојно, е формирано во рамките на проектот „Размена на искуства и информации во индустријата за производство на вино-начин за прекуграничен економски развој“, што го реализираат РЦС „Спектар“ од Крива Паланка, Македонија и Асоцијацијата „Евроинтегра“ и Унијата на енолози од Бугарија, со финансиска поддршка од ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу овие две соседни држави.

   -Задоволни сме што со поддршка на организациите од Македонија и Бугарија, кои го спроведуваат проектот за развојот на винската продукција, се обединивме во здружение преку кое ќе можеме заеднички да ги решаваме проблемите и да настапуваме пред институциите, да разменуваме искуства и да го унапредуваме производството. На овој начин ќе ги промовираме и сопствените марки вина, а ќе го развиваме и винскиот туризам, изјави Петковски.

    На Основачкото собрание присуствуваа претставници од организациите што го спроведуваат прекуграничниот проект,енолози,  лозари, винопроизводители и други заинтересирани од Североисточниот, Источниот и Југоисточниот регион, како и градоначалникот на Штип, Илчо Захариев, професори од Земјоделскиот факултет и Факултетот за туризам и угостителство при Унуверзитетот „Гоце Делчев“, од Центарот за развој на Источниот плански регион и други гости од Македонија и Бугарија. Беа формирани и останатите органи со избор на членови на Управен и Надзорен одбор, а истовремено новоформираното Здружение потпиша и Меморандум за соработка со Унијата на енолози од Бугарија. Двете Здруженија понатаму ќе соработуваат во насока на размена на искуства за подобри практики и унапредување на лозарството, винопроизводството и винскиот туризам, примена на европските регулативи и реципрочен и  заеднички пласман на винската продукција од двете земји.

    -Заедно со колегите од Бугарија сакаме да работиме на премостување на заедничките проблеми во винопроизводството и да го користиме нивното искуство, особено околу примената на европските стандарди по кои тие веќе работат како земја членка на ЕУ. Како најголем проблем за нас, увозната зависност во набавката на енолошки средства, кои се потребни при преработка и ферментација на грозјето. Но, остануваат и многу други домени за размена на информации, заеднички настап на трети пазари, како и за реципрочна размена на винската продукција, а се во насока на поквалитетно производство, потенцира Петковски.

Во изминатата година, во рамките на проектот, посетени се многу винарии, винарски визби и лозови насади во прекуграничниот регион Македонија-Бугарија, одржани се семинари за искуствата и иновациите во винската индустрија и најдобрите европски практики, што воедно беше многу добар начин на запознавање и зближување на производителите и експертите од двете земји.