Bucen Kozjak

Кумановски „Нотр Дам“ ќе блесне со нов сјај

Во почетокот на следниот месец ќе започне реконструкцијата на Занаетчискиот дом, која треба да заврши до крајот на годината

Кумановски „Нотр Дам“ ќе блесне со нов сјај

Ќе се врати сјајот на Занаетчискиот дом во Куманово, еден од најстарите и најрепрезентативни објекти во градот. На почетокот од наредниот месец ќе започне реконструкцијата на зградата, која треба да заврши до крајот на годината. Проектот ќе се реализира преку Центарот за развој на североисточниот плански регион, а средствата се обезбедени од Бирото за рамномерен регионален развој и Општината Куманово.

„Проектот чини 18 милиони денари или 325.000 евра. Со 120.000 евра или 33 отсто ќе партиципира општината Куманово, а другите ќе ги обезбедува бирото. Успеавме да го добиеме овој значаен проект за кој јас лично многу се залагав во последните неколку години, како претседател на Советот на градоначалници на североисточниот регион“, вели градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски.

Тој додава дека овој маркантен објект на градскиот плоштад има големо историско и архитектонско значење за кумановци.

„Тоа ќе биде современ сити-хол, каде што ќе имаме голема свечена сала и галерија за мултимедијална презентација, место за протоколарни приеми и средби, мали концерти, трибини и состаноци. Ќе има и неколку канцеларии за поддршка на активностите на локалната самоуправа. Пред се', ќе добиеме ново естетско уредување во централното градско подрачје“, вели градоначалникот Дамјановски.

Проектот за адаптација и санација на Занаетчискиот дом опфаќа површина од 650 квадратни метри, приземје и три ката. На приземјето ќе останат деловните простории, а на преостанатите три ката ќе се задржи основната намена на градбата надополнета со сродни содржини неопходни за современите потреби на локалната самоуправа. Фасадата ќе остане од оригиналниот проект, ќе се сменат вратите и прозорците, ќе се бојадиса и постави осветлување, но притоа максимално ќе се задржи препознатливиот изглед со оглед на културно-историското значење на објектот. Проектот е изготвен во 2010 година, а согласност дале и од Заводот за конзервација и реставрација.

Занаетчискиот дом во Куманово е препознатлив белег на градот, но со години наназад е запуштен и се наоѓа во очајна состојба. Покрај трговските објекти, преостанатиот простор не е искористен и оставен е да пропаѓа. Во поранешната држава во зградата работеше киното „Напредок“, а едно време се користеше и како дискоклуб.

Занаетчискиот дом во Куманово е изграден во 1930 година по иницијатива на кумановските занаетчии кои биле доста богати и организирани. Неговата изградба е поврзана со почетоците на планскиот урбанистички развој на градот. Ова е првиот објект во Куманово кој имал водовод од сопствен бунар и санитарни јазли. Зградата ја проектирал општинскиот инженер, Русинот Владимир Антонов и се смета за едно од неговите најубави остварувања. Занаетчискиот дом граѓаните на Куманово го нарекуваат кумановски „Нотр Дам“.