Euro Colleague
Bucen Kozjak

Многу наши другари немаа среќа да го видат слободно Куманово

На 11 Ноември 1944 година, Куманово осамнало ослободено од фашистичкиот окупатор. Борците кои пред 70 години учествувале во последните пресметки со германската војска, како вчера да било, се сеќаат на тешките моменти, но со воодушевување зборуваат за големата победа.

Многу наши другари немаа среќа да го видат слободно Куманово

 Еден од живите сведоци на тоа време е и борецот, Спирко Зафировски (89), кој дирекно учествувал во борбите за ослободување на градот.

Тој се сеќава дека неколку дена пред ослободувањето на градот се воделе жестоки борби во кумановско, а околу градот биле концентрирани голем број германско - фашистички војници. Германците и покрај тоа што давале силен отпор, претрпеле големи загуби во Страцин, каде се борела кумановската дизвија со 17 и 18 бригада.

Јас учествував во 17 бригада и ние навлеговме во Куманово преку Врањско џаде. Борбите траеја непрекинато од 1 до 10 ноември, кога Германците почнаа да се повлекуваат, а нашите единици беа распоредени на Табановце, Четирце, Горно и Долно Којнаре. Штом слушнавме на 11 ноември рано наутро јаки експлозии, знаевме дека Германците се повлекуваат. Тие го минираа надвозник кај Врањско џаде и кај Спомен костурница на железничката пруга. Од искуство од претходни борби знаевме дека штом ќе дојде до уривање на одредени објекти, Германците се повлекуваат. Тие имаа тешка задача да обезбедат комуникација на релација Куманово - Крива Паланка“ - се сеќава вели Зафировски.

Иако ја троши последната година од деветата деценија, овој мил и питом старец, со восхит во гласот раскажува за првите моменти кога влегле на  слободна територија. Околу 8 часот започнала прославата за големата победа.

Сите излегоа на улици, како од земја да израснаа. Од сите страни срдечно не пречекуваа, со поздрави и пароли, со песни. Младите упаѓаа во нашите редови и ни ги земаа капите. Во центарот кај Тумбата се одржаа говори за ослободување на Куманово. Таму веќе беа поставени маси и импровизирана бина. Интересно е што за толку кратко време, многу народ се собра што ретко се случува и на митинзи. Сите музичари кои беа во Куманово излегоа и настана една голема општонародна веселба. Куманово не дочека со радост и со солзи. Оние што загинаа, ја немаа таа среќа да го видат ослободен градот и да се прегрнат со своите најблиски - додава Зафировски.

Од бригдата за Зафировски загинале 8 борци, а на ниво на Куманово животот  за слобода го дале 455 борци и 350 цивили.  Борците апелираат до младите да ја чуваат и ценат слоботата кои тие ја извојувале со многу крв и страдања.