Euro Colleague
Bucen Kozjak

Селото Бајловце живее за „Бајловските средби“

И оваа година жители на околните села, на Куманово и иселеници кои се во стрaнство, а  потекнуваат од селото дојдоа да присуствуваат на „Бајловските средби“.

Селото Бајловце живее за „Бајловските средби“

На седмите по ред „Бајловски средби“, организирани од здружението „Козјачије во срцето“, а под покровителство на општина Старо Нагоричане имаше спортски игри, фрлање на камен во далечина, брзо пиење на пиво, многу музика, традиционални баници и прикажување на свадбени обичаи од овој крај. Организаторите велат дека целта на оваа манифестација е да го заживее селото и да ги врати младите кон своите корени.

Овој крај некогаш имаше многу луѓе, а сега тој број е многу мал. Меѓутоа се надеваме дека со враќање на луѓето од градските средини ќе заживее Бајловце и околината. “Бајловските средби“ знаете традиционално се одржуваат секоја година една недела по Крстовден - рече Зоран Бојковски, претседател на „Козјачие во срцето“.

Драган Спасиќ од општина Старо Нагоричане рече дека и понатаму ќе ја поддржуваат оваа манифестација. Десетина домаќинки од Бајловце, Куманово и Скопје подготвија баници со праз, сирење, спанаќ кои беа дегустирани од гостите.

Треба брашно, квасец, сол и кога ќе се замеси се дели тестото на делови, се расукува. Се става сирење, јас со сирење правев баница. Треба да се знае како да се подготви при сукање, печење, малку да постои. Им се допаднаа баниците на луѓето, брзо се потрошија - изјави Славјанка Стефановска, домаќинка од Куманово  која втора година учествува на “Бајловски средби“.

Општонародната веселба, хуморот, настапите на КУД“Српски вез“ од Старо Нагоричане, “КУД“ Фолклористи“ од Крива Паланка и “Ѓоко Симоновски“ од Куманово , чистиот воздух, убавата природа ги поттикнаа граѓаните да го посетат Бајловце.

Сакам планини, ми се допаѓа местото. Овдека луѓето се погостопримливи, во Хрватска се ладни. Музиката, фоклорот е слично. Водиме играорци во Германија, па можеби ќе дојдеме еден ден и ние овде - кажа Алфред Вутуц од Сплит, македонски зет чија сопруга е од Бајловце.

Луѓето од околните села велат дека почесто треба да има вакви веселби во Козјачие.

Трета година по ред доаѓам и многу ми се допаѓа. Очигледно е дека може да заживее селото. Доаѓаат поголем број луѓе и од соседните села. Доаѓаат сите што се отселени. Почесто да има такви пригоди - изјави Деса Николовска од село Жељувино.

Селото Бајловце се наоѓа на 30 км оддалеченост од Куманово, на 628 метри надморска височина. Во селото постојано живеат 60 жители, претежно постари луѓе кои се занимаваат со сточарство, а има и голем број викендици. Мештаните велат дека во лето селото живнува, кога луѓето од Куманово и Скопје доаѓаат летото да го поминат во родното село. Во основното училиште во селото се школуваат 15 деца, а се надеваат дека ако се создадат подобри услови за живот младите ќе се вратат во селото.

Младите избегаа, старите останаа. Продавница имаме, но треба патот да се поправи. Многу работи фалат, но не можеме да добиеме сè што сакаме. Мораме да се мачиме, да работиме. Драго ни е што толку луѓе дојдоа да го посетат селото, сите се добредојдени - изјави шеесетгодишната Светлана Јакимовска од Бајловце.

Жителите на селото велат дека од село зијан нема, но надлежните треба повеќе внимание да им обрнат  на селата и да инвестираат во нивен развој.