Bucen Kozjak

Семејството Арсовски со осум деца едвај врзува крај со крај

Семејството на Јадранка и Драги Арсовски од населбата Ајдучка Чешма, со осум деца, две ќерки и шест сина на возраст од 3 па се до 19 години, едвај го поминуваат месецот.

Семејството Арсовски со осум деца едвај врзува крај со крај

Ова многудетно семејство живее со платата на Драги од 10.000 денари и 1.800 денари кои ги добиваат како детски додаток. Кога ги посетивме во нивниот дом затекнавме пет деца, а поголемите три деца беа отидени на сезонска работа, за да заработат некој денар. Арсовски се жалат дека со овие примања многу тешко ги задоволуваат потребите, а најтешко им е во зима кога сопругот не работи. Велат дека децата никогаш не се многу за родителите, но државата треба да им помогне на семејствата со повеќе деца.

Сопругот работи во приватна фирма сезонски. Работата не е постојана и во август работеше само десет дена. Многу тешко се живее. Државата ни е катастрофа, нема можности. На телевизија кажуваат да се чуваат по 3,4 деца, ама не помагаат. Лани купивме само три кубика дрва, и сосетка ни даде половина кубик од она што и останало. За оваа сезона дрвце немам. Децата ги подготвивме за на училиште, плативме сметки и толку. Ни помагаат роднини, пријатели и од “Крепост“. Јас сум многу благодарна на Христијан Георгиевски, ни помага колку може со храна, облека, средства за хигиена - изјави 43- годишната Јадранка.

Таа со завршено средно образование веќе  21 година се води како невработена во Агенцијата за вработување. Активно бара работа и доколку добие шанса за вработување, не би се двоумела да прифати бидејќи е на раб на егзистенција.

Активен барател сум и секој месец се пријавувам, ама нема работа. Ако имам прилика би работела. Децата се мали, едното фаќа автобус за да оди на училиште, близнаците би ги пратила во градинка, би се снашла некако. Со осум деца цел ден сум зафатена. Подготвувам јадење, месам леб, па ако немам брашно земам на вересија. Децата се послушни, учат. Некои се одлични, некои многу добри ученици, а најстариот син ќе студира на ФЕИТ. Тој многу учи и верувам дека ќе успее. Колку и да е тежок материјалот, за него не е затоа што учи - рече Јадранка.

Било каква помош за ова семејство е добредојдена. Сите кои сакаат да им помогнат можат да ги најдат на улицата “315“ бр. 32 во населбата Ајдучка Чешма.