Bucen Kozjak

Спомениците од НОБ во очајна состојба

 Спомен-обележјата на жртвите од Втората светска војна се оштетени или целосно уништени, бидејќи никој не ги одржува од осамостојувањето на Македонија.

Спомениците од НОБ во очајна состојба

Уништен бакарен релјеф, откорнатата плоча со испишани имиња на загинати борци, паднати потпорни ѕидови, графити,  скршен мемер и скали не пречекаа на Спомен костурницата каде што се наоѓаат коските на околу 300 загинати борци од Куманово во Втората светска војна.  Спирко Зафировски(90), Љубисав Спасовски (96) и Царевка Виличиќ (87),учесници во Народноослободителната војна, кои ја тераат деветата и десетата деценија од животот, сметаат дека државата ги запоставува заслугите на нивните соборци на сметка на луѓето кои немаат никаква заслуга во создавањето на македонската држава.

„За жал оние што ги дадоа своите животи, по ослободувањето им изградија спомен обележја за да се знае каде почиваат. Сега тие споменици се распаѓаат. Ние имаме 86 споменика и спомен обележја во Куманово. Од тие дали 20 постојат, додека другите се уништени. Најлошо е што сега се градат споменици на предавниците во Втората светска војна, како на Тодор Александров и неговите колеги кои беа предавници на македонскиот народ. Незнам колку тие споменици ќе останат, но тие не заслужуваат да го завземаат местото на вистинските херои, -вели борецот Спирко Зафировски.  

Покрај Спомен-костурницата во очајна состојба се и другите меморијални споменици, бисти, спомен плочи и обележја на жртвите од Втората светска војна. Тие се оштетени, осквернавени или целосно уништени, бидејќи никој не ги одржува од осамостојувањето на државата.

„Спомеците се во катастрофална состојба. Дваесет години на овие споменици немам никаква реставрација, реконструкција или одржување. Времето си го прави своето и тие полека пропаѓаат и ги снемува„, - изјави Цоки Ристевски, раководител во одделение за култура во Општина Куманово.

Според Законот, спомениците се регистрирани во две групи: од национално и локално значење. Под надлежност на Министерството за култура се: Спомен-костурницата на паднатите борци од НОБ, Споменикот на револицијата - Македонка, Менкова колиба, куќите на Дане Цеков и  Карпош. Но државата нема слух или не сака да го зачува историското наследство, и достојно да го негува делото на луѓето кои ги положиле нивните животи за создавање на македонската држава.

„Пред три години, откако на Спомен костурницата од НОБ вандали ги скршија криптите, од името на Сојузот на борците и Општината Куманово, побаравме од Министерството за култура да се интервенира на споменикот, но попусто. Од таму ни рекоа дека не нема во годишната програма, а Конзерваторскиот центар не го прифати нашето барање ни наредните години и затоа сеуште не се поправени тие оштетувања, а има и нови. Таму не смее никој да интервенира ако нема дозвола и согласност од Министерството за култура, - додава Ристевски.

Наспроти спомениците од нацинален интерес, локалната самоуправа има обврска да ги одржува спомен плочите и бистите на народните херои во градот.

„И тие слабо се одржуваат. Во принцип спомен плочите се на некоја куќа и за нив не е потребно некоја посебна грижа. Проблематични се спомен бистите, кои главно се исчкртани со графити. Некои бисти повеќе ги нема, посебно оние што беа во круговите на поранешните големи фабрики, по продажбата им се губи секаков траг, - додава Ристевски.

За да не продолжи да се уништува историското наследство во Куманово, борците и граѓаните апелираат до централната и локалната власт во своите програми да го предвидат и одржувањето на спомен-обележјата од НОБ, бидејќи со крвта на партизаните е изградена македонската држава.