Bucen Kozjak

Текстил и влошки во филтрите на пречистителната станица

Кумановци и кумановки во канализацијата најмногу фрлаат текстилни отпадоци, крпи, влажни марамчиња, влошки, презервативи, четки за заби, пасти, жилети, но вработените во пречистителната станица наоѓаат и цели мрши на кучиња, мачки, делови од тело на поголеми животни, па и цело прасе 

Текстил и влошки во филтрите на пречистителната станица

Остатоци од сретства за хигиена, текстил и храна ги заглавуваат филтрите и пумпите на пречистителната станица за отпадни води во Куманово. Вработените во станицата која работи во состав на ЈП „Водовод„, велат дека секој ден собираат купишта отпадоци, кои ги фрлаат кумановци и кумановки во веце-шољите и шахтите. Преку градската канализација, ѓубрето стига во станицата и и прави проблеми на скапата опрема и во технолошкиот процес.

Еколошката свеста на дел од граѓаните на Куманово е на многу ниско ниво, бидејќи во канализацијата фрлаат што ќе им текне. Најмногу текстилни отпадоци, крпи, влажни марамчиња, влошки, презервативи, четки за заби, пасти, жилети и се што може да помине низ каналот на веце-шољата. Некои граѓани како да немаат канти за ѓубре. Голем дел од она што останува во мијалникот во кујната пуштаат да го однесе водата или го фрлаат во отворени шахти. Наоѓаме цели мрши на кучиња, мачки, делови од тело на поголеми животни, кожи, конзерви, шишиња. Нема што нема. Во една прилика најдовме цело прасе кое беше завиткано во крпи. Во водата ни заличи на бебе, па сакавме да викнеме полиција, но подоцна видовме за што се работи- вели дипл. машински инжинер Зоран Славковиќ, одговорен менаџер во пречистителната станица.

Отпадните води, пред да се влеат на станицата поминувааат низ два филтра за механичко чистење. Прво на решетка, каде се отстрануваат покрупните отпадоци, додека помалите остануваат на ситна решетка. Водата поминува и низ таложници, па потоа биолошки се третира и прочистува.

Славковиќ објаснува дека покрај отпадот од домаќинствата, поголем проблем им создава ѓубрето од индустриските капацитети и малите погони. Сопствениците го истураат текстилот и кожата што не можат да ги искористат во шахтите за фекална канализација, а понекогаш фрлаат и цели затворени вреќи. Ситните парчиња се вплеткуваат во пумпите и ја блокираат нивната работа.

Еднаш неделно обавезно имаме по еден дефект на пумпите. Тоа се големи пумпи од 30-40 киловати, кои кршат коски и дрво, ама крпите не можат да ги сомелат. Текстилот се вплеткува во роторот и ја блокира нивната работа. Се работи за многу скапи пумпи и секоја нивна поправка многу не чини, - додава Славковиќ.

Пречистителаната станица за отпадни води во Куманово е најсофистицирана во државата и во регионот. Изградена е 2006 година со донација од Швајцарската влада и чини 10 милиони евра. Станицата има три линии: за пречистување на отпадни води, производство на мил за ѓубриво и производство на био – гас кој се користи за добивање електрична и топлинска енергија.

Во станицата работат 30-тина пумпи 24 часа дневно, а ја опслужуваме 11 вработени. Работата на станицата ја финасира исклучиво ЈП „Водовод„, иако таа е од интерес на целата држава. Пречистената вода од фекалната канализација на Куманово се испушта во реката Кумановка, и преку реката Пчиња се влевее во Вардар. Министерството за екологија и заштита на животна средина не одвојува никакви средства за нејзина работа. Од голема помош би ни било ако државата дозволи барем да плаќаат повластена цена за електичната енергија, - вели Славковиќ.