Bucen Kozjak

Уметниците треба да го следат својот сон

Преку своите слики младата ликовна уметница ги прикажува човековите доблести и вредности кои во денешно време се запоставени заради брзиот начин на живот

Уметниците треба да го следат својот сон

Валентина Илијевска (26) го сака сликарството уште од основно училиште, а првите поголеми резултати ги постигнала во средношколските и студентските денови кога добила десетина награди и признанија. Зад себе има две самостојни изложби, учество на десетина групни изложби, повеќе ликовни колонии, а по можност свои дела донира и во хумани цели. Илијевска за себе вели дека се обидува да ги сруши бариерите меѓу графиката и сликарството. Многупати ја слушнала паролата дека “ Секој графичар може да биде сликар, а секој сликар не може да биде графичар“, но објаснува  дека секогаш не е така и дека пресудни се афинитетите на човекот.

Инспирација добивам од самото човештво глобално, не сум сконцентрирана само на еден човек. Почнав и уште ја водам таа борба за човековите вредности кои што навистина се нарушени. Со брзиот развој влеговме во центрифугата на ова време. Почнаа сите тие финеси од човештвото како на пример да се биде добар човек, да се губат, да се перат буквално во таа центрифуга. Апелирам луѓето да се вратат на правиот пат - вели Илијевска.

Делата не се само интима на уметникот, туку тие треба да проговорат за порака да ја разбере човештвото , додава таа. На сите млади кои се двоумат дали да изберат перспективен факултет, или да се занимаваат со уметност им порачува да се водат од својот порив.

Читам во весници, и ги слушам младите дека избираат што ќе работата заради профитот, а не само заради професија. На сите ученици, млади, постари колеги им препорачувам секогаш да си го следат својот сон. Ако навистина во себе верувате, ја праќате таа порака до универзумот и таа со уште посилен интензитет се враќа. Тоа го имам почувствувано и тоа со задоволство им го кажувам. И познатиот француски уметник, Огист Роден рекол “Ако треба да се биде уметник, треба прво да се биде човек“. Ако сите тие работи ги постигнеме секогаш ќе бидеме среќни и задоволни - рече Илијевска.

Досега своите дела авторката ги изложувала во Земун, Србија, Куманово, Скопје и Кавадарци. Во мај пред кумановската јавност таа ќе се претстави со самостојна изложба, а во меѓувреме ќе работи на конзервација на една композиција во црквите Свети Никола и Света Троица.

Претходно таа била ангажирана  на неколку конзерваторски проекти вклучувајќи ги тука Стоби и Шарена џамија во Тетово, а како професор по ликовна уметност краток временски период  работела во неколку училишта во градот.