Euro Colleague
Bucen Kozjak

Волонтерка од Бордо ќе ги подучува младите на француски

Дваесетгодишната Осеан Ламарк од Бордо, Франција ќе ги подучува младите кумановци  на француски јазик.

Волонтерка од Бордо ќе ги подучува младите на француски

Таа веќе два месеци е во Куманово, како волонтер во Ромскиот младински центар и во градот ќе биде се до август следната година. Ќе работи со деца во просториите на организацијата, со основци во градот и со гимназијалците кои учат во билингвалните паралелки. Нејзина задача ќе биде на младите да им помогне во совладување на францускиот јазик и подобрување на комуникацијата. Волонтерката вели дека и самата го учи македонскиот јазик, но потешкотија ѝ е тоа што во градот се зборува на дијалект, а не на литературен македонски јазик.

Малку ми е комплицирано, но научив “здраво“, „како си, од каде си“, „добро“ , „благодарам“, сите денови во недела ги знам. Тешко ми оди. Има многу вокабулар во францускиот јазик. Во македонскиот јазик со еден збор кажуваш повеќе работи, а во францускиот има нијанси. Овдека луѓето се топли, гостопримливи, забавни и тоа ми се допаѓа - вели волонтерката.

Престојот во земјава го користи за да прошета и да ги види и останатите градови. Ги посетила Кратово, Кочани, Охрид и Скопје.

Кратово и Кочани ми се допаѓаат. Мали градови се, но се планински, а јас сакам планински места. Бенефитите од волонтирањето се учење на странски јазик, запознавање на места, природа надвор од градовите. Слободното време го користам да одам на фолклорни танци. Македонскиот фоклор е многу поразличен од францускиот. Македонските песни не ги разбирам, но земав превод од текстовите. Викендите ги користам за да прошетам, се качувам во автобус и одам, да ја видам Македонија или пак одам во бар каде има млади луѓе кои се забавуваат - рече Ламарк.

За Бордо вели дека е место каде има многу можности за младите, има вработувања, раздвижено е, но сепак за разлика од овде животот во нејзината земја е поскап.