Bucen Kozjak

85 години од изградба на Соколана

Фрагменти од текстот на кумановецот др. Душан Станимировиќ за изградба на Соколскиот дом во Кумнново објавен во списанието „Корени“ бр. 43/44 од јуни 2013 година

Соколското друштво во Куманово е формирано во 1909 година и е едно од првите што е формирано во Турција по Младотурската револуција 1908 година. По завршувањето на Првата светска војна тоа ја обновило својата активност во 1922 година, со повторен избор на војводата Јован Довезенски за старешина и членовите Ѓорге Божиновиќ, Милое Закиќ, Анѓелко Ристиќ, апотекарот Илија Вуктиќ и др.

Скоро сите активности: вежби, натпревари, дефилеа и друго, Друштвото ги одвивало под ведро небо, кога временските прилики тоа го овозможувале. Заради тоа, Управата на друштвото донелa одлука за изградба на сопствен соколски дом, набргу по обновувањето на својата работа. Верoјатно, притоа тие тргнале и од поценката, дека покрај поддршка од месното население и пошироко, ќе добијат сесрдна помош, не само од локалните, туку и од државните власти во Белград и војската, поради историското значење на Куманово oд Првата балканска војна и улогата на соколството во обезбедување на здравствени, културно - просветни и великосрпски национални интереси во Македеонија.

Идејата за изградба на соколскиот дом созреала во времето на прибирање на доброволни прилози за кралот Александар по повод неговата женидба во 1922 година. Покрај останатото, била организирана и посебна приредба за прибирање на пари за овие потреби. Откако собрале определена сума на пари, Управниот одбор на Друштвото, со сесрдна поддршка од повекето граѓани, ја наменил за изградба на дом кој би се викал ,, Соколски дом на крал Александар„, како своевиден подарок на кралот.

Пристапувајќи кон реализација на наведената одлука, Управата успеала да добие на подарок плац за градба од Општината на варош Куманово. Проектот за домот им го изработил бесплатно инженерот Момир Коруновиќ од Белград. Воедно, печатен е во голем број примероци и апел “Помози нам отаџбино!„, кој бил испратен на адреси на познати фирми, институции и богати поединци во земјата.

Детал од осветување на темелите на домот и од неговата изградба

Изградбата на соколскиот дом во Куманово, како што било вообичаено во тоа време, започнала со свечено полагање на камен - темелникот на Видовден, 28. VI. 1923 година. Прибраните средства се користени за купување на потребен градежен материјал а работна рака за градба давале и војниците на 22. пешадиски полк во Куманово. Во тоа време старешина на Соколското друштво бил полковникот Спасое Тешиќ.

Со повремени прекини, првенствено поради недостиг на финансиски средства градба на соколскиот дом во Куманово продолжила и во наредните години каде огромна енергија е трошена на прибирање на финасиска средства од сите ресурси, а пред се од државните институции во Скопје и Белград. Бо 1925 година Соколскиот дом во КУмаово бил изграден и покриен, каде и се застанало. Во 1926 година бележиме упад од непознати лица и уништување на дело од опремата на Домот, а во меѓувреме поради незавршените работи кровната конструкција попуштила и објектот почнал да се унуштува. Поради ова општинскиот инжинер Владимир Антонов конструира нова кровна конструкција која заедно со внатешниот ентериер била завршена во 1928 година.

Соколски дом во Куманово во 1930 година

Треба да се напомене дека по завршувањето на работите од внатрешната страна на домот се увидело дека е потребна негова доградба за да може во целост да ги задоволи нараснатите потреби на членството во текот на целата година. Заради тоа е подигнат заем од Државната хипотекарна банка од 150.000 динари, а добиена е и помош од Општината 30.000 динари, со кои е доsидана сала за вежбање преку зима, бина и други простории. По завршувањето на работите, соколскиот дом располагал со: голема сала со галерија за неколку стотини гледачи, сала за вежбање во зимскиот период, тераса, канцеларии и други помошни простории. За неговата изградба биле потрошени вкупно околу 1,200.000 динари.

Соколскиот дом на денот на осветувањето 5 -7 септември 1931

Познатите настани од 1929 година и Шестојануарската диктатура на Кралот Александар влијаеле на текот на изградбата на овој Дом, но сепак управата успела истиот да го подготви за осветување во 1931 година. Во договор со Соколската жупа во Скопје и Сојузот на соколите на кралството на Југославија било решено свеченостите да бидат одржани во време на роденденот на престолонаследникот Петар - од 5 до 7. 09. 1931 година. Најнапред било планирано да се одржи жупско првенствбо на соколите и соколските чети, а на 6 септември да се одржи молитва за престолонаследникот Петар во црква, осветување на соколскиот дом и знаме на Друштвото, помен на паднатите војници во Кумановската битка и слет на соколите и војската. Бил формиран Слетски одбор со комисии за изградба на слетиште, прифаќање, сместување и исхрана на гостите и соколите од Жупата, а се очекувала посета и на делегации на жупите од Ниш, Крагуевац, Сараево и Цетиње.

За организирање на планираните свечености бил издаден „Упут за I Окружни соколски слет округа кумановског, жупске утакмице и освеќење Соколског дома и развијање заставе Соколског друштва у Куманову“. Натпреварите за жупското првенство на соколските друштва и смотра на соколските чети одржани се на 5. септември.Следното утро, на денот на раѓањето на престолонаследникот Петар, во црквата ,,Света Троица,, во Куманово одржана е молитва за неговото здравје и долг живот. На неа присуствувале: пратеникот на кралот, санитетскиот генерал Иличковиќ, бан на Вардарската бановина, Жика Лазиќ, пратеникот на патријархот Варнава, Пешиќ - претседател на Духовниот суд со Скопје, пратеникот на Третата армиска област, полковникот Марко Гризолд, старешината на Соколската жупа во Скопје, инженерот Раде Убавиќ, Управата на Соколското друштво во Куманово и други истакнати поединци.

На платото пред соколскиот дом потоа, во 9 часот извршена е смотра на сите припадници на соколските друштва и чети од Жупата и на војниците од 22. пешадиски полк во Куманово. На неа присуствувале и над 6.000 граѓани, меѓу кои и голем број муслимани од територијата на Соколската жупа. По смотрата, прота Јордан Поповиќ со свештениците од Куманово и околината го осветиле соколскиот дом изнамето.

Јула Глигориевиќ, претседател на Колото на српските сестри во Куманово, го развила знамето, на кое пишувало: „Кумановско коло српских сестара - кумановским соколима“ , и по пригиден говор го врачила на старешината на Соколското друштво Јован Тришиќ, полковник. Тој, откако се заблагодарил на подарокот, го врачил на чување на заставникот Димче Арсиќ.

По државната химна што ја извело Кумановското пејачко друштво, одржани се пригодни говори од инж. Раде Убавиќ, генерал Иличковиќ, кој воедно го врачил сребрениот венец на кралот на најдобрата соколска чета од селото Матејче, потоа Жика Лазиќ и Ѓура Паунковиќ. Во нивните излагања укажувано е на значењето на југословенското соколство, одавано е признание на Соколското друштво во Куманово за неговите активности и изградбата на домот.Истиот ден во попладневните часови изведени се слетски вежби на слетиштето што било изградено на влезот во Куманово со трибини за голем број на гледачи. Неговата градба чинела околу 50.000 динари, а надзор врз работите ги вршел инж. Владимир Антонов, кoj по оштетувањата на кровната конструкција од временските неприлики во втората половина на третата деценија на 20 век целосно проектирал нов покрив и истиот го завршил. На слетот со соодветни вежби настапиле: машки и женски деца, членови, а припадниците на селските чети со прости вежби и вежби со палки, додека војниците од 22. пешадиски полк со прости вежби и вежби со пушки.

Со завршувањето на соколскиот дом проблемите врзани за неговата градба не завршиле за Управата на друштвото. Тие продолжиле и понатаму, а преписка меѓу Домот и соодветните Министерства на Кралството Југославија, регистрираме дури и во 1937/38 година.

Од изнесеното може да се заклучи дека изградбата на соколскиот дом во Куманово започнала со полагање на камен -темелникот на 28. VI.1923, и со повремени прекини, траела до крајот на 1930 година. при што се потрошени околу 1,200.000 динари. Најголемиот дел од средствата биле од доброволните прилози на населението и од приходите од сопствените активности.Од надлежните министерства и Дворот на кралот добиена е помош од 40.000, од Општината 30.000 и Скопската жупа 7.000, а земен е и заем 150.000 динари од Народната хипотекарна банка, кој не бил исплатен до 1941 година. Со голем труд и упорност на управите на Соколското друштво, Куманово се здобило со голем, монументален соколски дом кој се уште е во функција за спортските активности.

Димитар Масевски