Bucen Kozjak

Баба Цана- заштитен знак на кумановското угостителство

Дел од публикацијата Кумановска кафеана од Димитар Масевски во списанието „Корени“ бр. 50

Со оглед дека името Баба Цана го среќаваме и во минатото столетие, а и подоцна во кумановското угостителство да кажеме збор два за истото...

Нашава приказна за Баба Цана нема да биде онаква каква многумина очекуваат да слушнат. Посебно не онаква каква може да се слушне во Скопје дека таа била Мадам, дека имала свој Бордел во Куманово кој бил сместен во „домицилната“ кафеана „Баба Цана“, тогаш, меѓу двете светски војни, на улицата „Хрватска“. Таа нема да биде ни налик на кратовката Мара Лопка во чија култна кафеана во центарот на Кратово доминираше кадифето и црвената боја со стилски мебел, а виното обично беше црвено и тешко.

Сосема спротивно нашава Баба Цана е всушност Павловска Цана, мила и работлива девојка родена во 1908 година во Живиње, која како сираче, израснала во домот на својата тетка Тефка и нејзиниот сопруг Јордан во Куманово и во тоа семејство останала сиот свој живот. Го израснала нивниот син Душан, а потоа и неговите деца Јордан и Круна, како и нивните синови и ќерки. Кон сите нив кои неизмерно ја почитувале, покажала неизмерна љубов која оставила силни емоции, длабоки траги и сеќавања по нејзината смрт. Еден од нив Јордан Петровски, синот на Душан Петровски-Црн, ресторанот кој го отворил во куќата што ја купил од ќерките на познатото кумановски чорбаџија од пред Војната Петар Ташковски му го дал името „Баба Цана“ во знак на почит и сеќавање на жената која се грижела за нив како деца и ги израснала и нивните деца. Ресторанот на Јордан беше една од најпосетените угостителски дестинации во Куманово при крајот на 1980-тите години и оној по првите парламентарни избори по 1990 година.


Поради разно разни причини, по заминувањето на Јордан Петровски во Канада ресторанот добиава нов сопственик, а истиот кој егзистира како „Баба Цана“.
И толку за Цана Павловска која починала 1981 година, подоцнежната „Баба Цана“ чие име ќе биде заштитен знак за квалитет во кумановското угостителство.
Димитар Масевски Авторот е главен уредник на списаието „КОРЕНИ“

Димитар Масевски