Bucen Kozjak

ЛЕНЧЕ КУМАНОВЧЕ СЕ ВРАТИ ДОМА

Прв пат, по 85 години списанието „Корени“ ја објави  пиесата „Ленче Кумановче“  на кумановски говор

После патешествие од цели 85 години  Ленче Кумановче, симболично ,  се врати дома.. Се врати меѓу своите Kумановци   за едно ново зачекорување, овој пат со печатен,публикуван текст од својот творец  Васил Иљоски , на  убавиот  кумановски говор. Прв нејзин текст испечатен на кумановски  говор, по оној  изворниот  од 1928 година.Во случајов, можеби  малку повредена, бидејќи како Ленче Кумановче  престојуваше на штиците што живот значат само  во неколку  наврати , на почетокот, во  1928  година, кога во штотуку  изградениот стар Скопски театар „ Крал Александар“ за првпат, низ устата на Перо Јовановиќ ( Аџи Трајко)’ и Јоланда Џагиќ ( Ленче) прoзвучи еден од дијалектите на македонскиот јазик-кумановскиот говор и  1936/37 година, по враќање од прогон  на  нејзиниот автор  Васил  Иљоски, во   Македонија.. И освен оние неколку претстави, кои се изиграа по Војната во Куманово, меѓу кои и култната  „Ленче Кумановче “ од 1971 година,  одиграна по повод десетгодишнината на кумановскиот Народен театар  , сите останати беа во рувото на „Бегалка“ и веќе на   македонскиот литература.

Но, проблемот не беше во тоа,  бидејќи Ленче Кумановче всушност беше  Бегалката, туку една  можеби мала негрижа на младата држава , што првите , оригиналните ракописи на Васил Иљоски доставени до Управата на Скопското народно позориште, напишани на кумановски говор на никаков начин да не бидат сочувани , било испечатени, издадени во некое  од тогашните списанија или како посебна  книга, скрипта... Оттука  и нашето големо изненадување и разочарување кога сакавме да ги видиме   оригиналните ракописи на оваа пиеса  од Васил Иљоски,  најправин како „Бежанка“ а веднаш, пред првата  претстава  “преиначена “  како „Ленче Кuмановче’- Комад са играњем и певањем у пет чина,  - како што е забележано на плакатот од 1936 година. До такво нешто никако  не можевме  да дојдеме. Баравме и истражувавме насекаде каде  логично би можел да дојде и се најде овој ракопис или  копии од првата верзија на оваа пиеса: во  Кумановскиот театар, Архивот во Куманово, Македонскиот народен театар во Скопје , МАНУ, Универзитетската библиотека „Климент Охридски„ повеќето  Библиотеки во Белград, како и во Министерството за култура на Кралството Југославија од 1927 година,Музејот за театарска уметност од Белград па дури и во Софискиот државен архив. Од сето сторено дојдовме до сознание дека оваа прва верзија на пиесаата од 1928 година,на кумановски говор, воопшто никаде не е регистрирана и сочувана… Барем ние не можевме да дојдеме  до неа.. ( Дојдовме  до  сознанија дека сепак ракопис од претствата од 1936 година е сочуван и се наоѓа кај одредено лице во Скопје, чиј идентитет и покрај сите наши заложби не можевме да го сознаеме.)    

Во секој случај сметавме  дека и покрај се, текстот на преставата би требало да  се сочува на кумановски говор,тоа би требало да се стори  за генерациите Кумановци и Македонци , ако не за друго, тогаш за историјата, како непобитен факт за првиот  пробив на едно драмско дело од македонски автор и на македонски јазик, згора на тоа кумановец ( иако натурализиран) иако ,а пропо на тогашните времиња, напишано и играно на кумановски говор.

За жал не можевме да дојдеме  ниту до текстот на претставата „Ленче Кумановче“ која по повод  Десетгодишнината на Кумановскиот театар (од возобновување на Театарот во 1961 година) беше одиграна на  неговата сцена , а ја сними и Македонската радио телевизија. По многумина, култна престава на класичната „Ленче Кумановче“.со извонредна актерска екипа која подолго време играше на кумановските штици што живот значат.    

За постигнување на нашата цел, односно  издавањето и овековечувањето  на  Васил Иљоски и  „Ленче Кумановче“ на кумановски говор , ние се одлучивме да го прерабитиме, (прилагодиме, „преведеме“) најстариот сочуван  прв текст од „Бегалка“ издаден на македонски литературен јазик, кој по сите логики би требало да е најблизок на оригиналната,  кумановската верзија на  “ „Ленче Кумановче“

 Тоа всушност беше  првото македонско издание , сега веќе како  „Бегалка“,   издадено од Државното  книгоиздадетелство на НРМ од Скопје во 1950 година на македонски јазик во кое беа сочувани поголем дел од архаичните изрази од  првото издание од периодот пред Војната. Всушност  Бегалката ја  вративме во Ленче Кумановче.    

Нашата транскрипција е слична на онаа од 1971 година на која играа кумановските актери по повод Десетте години на Театарот во Куманово,  а на сцената ја постави Драгољуб Димовски- Шетко , тогашен негов директор, заедно со доајенот на кумановското глумиште Ѓоко Николовски, сигурно најдобриот Аџи Трајко за сите времиња.  Нашите сознанија говорат дека и тој текст всушност бил „покумановчен“ од некое издание на „Бегалка“ на македонски литерaтурен јазик.        

 Единствена разлика би можела да се јави во комплетноста на текстот со оглед дека  режисерот во својата поставка  го нема ползувано  целиот текст, за разлика од нашиов во кој е опфатено делото во целина, со сета дискалика, реплики и музички нумери.    

Текстот од првото печатено издание на „Бегалка„ од 1950 година, е  преработен на кумановски говор од редакцијата на „Корени“ во која свој придонес покрај Димитар Масевски дадоа Татјана Арсовска, Среќко Митевски- Думац, како и  Милица Петрушевска,  која ја изврши јазичната редакција  на овој број на списанието „Корени“    

Пиесата „Ленче Кумановче“ , за прв пат на кумановски говор ,  официјално е издадена и печатена   во списанието   „Корени„ број 45/46 од септември 2013 година  и е илустрирана со неколку фотографии од истоимената претстава на Кумановскиот народен театaр во 1971 година     .

    Мошне пригодна промоција на  оваа  издание на „Корени“ каде по 85 години е објавен првиот текст на „Ленче Кумановче“ на кумановски говор беше одржана на 22 ноември 2013 година во ресторанот „Версус“ во Куманово, во присуство на голем број љубители од Куманово и Скопје, како и дел од актерите на култната претстава  на оваа пиеса   од кумановскиот театар во 1971 годин.

Димитар Масевски