Euro Colleague
Bucen Kozjak

МОНОГРАФСКИТЕ ПУБЛИКАЦИИ ЗА КУМАНОВО

Сe до 1996 година, Куманово немаше квалитетна монографска публикација. Првата и единствената датираше дури од 1909 година кога за Куманово и Кумановскиот крај мошне солидна и квалитетна публикација напиша д-р Јован Хаџи Васиљевиќ „Јужна стара Србија, историски, етнографски и политички истражувања - КУМАНОВСКА ОБЛАСТ“.

Ние кои се занимаваме со овој вид работа, нема да згрешиме ако кажеме дека тој труд за Куманово е неповторлив, сеопфатен, работен со знаење и љубов, со оглед на тоа дека Куманово беше роден град на мајката на Јован Хаџи Васиљевиќ, Катерина, ќерка на познатиот кумановски епитроп Иконом Димитрије, кој беше алфа и омега меѓу христијанското население во Куманово во периодот од 1832 до 1881 година.

Имено, таа беше омажена во Врање во семејството на Кир Хаџи Василиј. Се разбира овој труд, аналогно на времето во кое е создаван, поаѓаше од стојалиштето дека на македонските простори, односно на кумановските, живее српско население и целата стратегија на авторот и издавачот, “Задолжбината на Н.М Коларац” од Белград, беше насочена во тој правец. Тоа беше периодот на пропагандите и силната битка за асимилација и денационалиозација на Македонците, кога “биеја”перата на Србите и Бугарите за освојување на овој посебен народ. Како и да е, ако не беше напишан овој труд од Јован Хаџи Васиљевиќ , исполнет со инзвонредна фактографија , ние многу малку ќе знаевме за Куманово и неговата околина, посебно за неговата трансформација од рурална во градска урбана средина во почетокот на 19-тиот век. За време на периодот на Кралството Југославија немаше некои видливи напори и обиди да се напише нешто за Куманово , иако одделни статии во периодиката пишуваше токму Јован Хаџи Васиљевиќ, а една статија во “Политика“ бележиме од авторот Денковиќ Ѓорѓе.

По ослободувањето, 1944 година, започнува период кога, меѓу другото, новата македонска народна власт полагаше доста внимание на историографијата, така што бележиме и изданија кои прават напори да ги објаснат нештата за нашиот град. Таков труд за Куманово напишал во 1949 година Атанасије Урошевиќ , академик на САНУ , насловен како “Куманово”, давајќи доста нови податоци за Куманово, пред се ползувајќи ја книгата на Јован Хаџи Васиљевиќ “Кумановска каза” која, пак, изобилуваше со инзвонредни и досега ненадминати податоци.

Сличен обид направија и Методи Петровски и Петар Трајковски во седумдесеттите години на минатото столетие, главно задржувајќи се на постоечките и осознаените факти, давајќи акцент на поновата историја.бхјјннми9 Дури во 1996 година, Куманово доби , за тие години и тој период, пристојна монографска публикација, изготвена апропо трендот и потребата на современиот читател. Тоа беше труд на Димитар Масевски и Миодраг Арсовски –Болто, и двајцата кумановци, историчари и добри познавачи на приликите во Кумановскиот крај. Бидејќи монографската публикација за Куманово и Кумановско, насловена како “КУМАНОВО - Прилози за изучување на неговото минато од праисторијата до денес“ , опфаќаше еден огромен период, во неа свој придонес дадоа и соработниците, во поедини поглавја, д-р Звонимир Николовски и Милисав Атанасовски, а вредни фото-материјали даде Скендер Шабани. Книгата излезе во декември 1996 година во издание на Нрио “Наш весник” и авторите, во тираж од 1.ооо примероци. За тоа време, тоа беше луксузна публикација, технички инзвонредно стокмена, а наиде на инзвонреден прием кај кумановчаните со оглед на тоа дека беше еден спој на научно истражувачки ангажман и квалитетни илустрации во црно- бела и колор техника. Интересно е да се каже дека овој проект, за прв пат, се подготви без донации и спонзори и главно се реализира преку продажба на книгата што беше непојмливо за многумина скептици, како тогаш, така и денес.

Втор исто така сериозен чекор во оваа насока беше направен во 2003 година кога во издание на “Македонска ризница”, а во продукција на Општината Куманово, излезе второ издание на монографијата од 1996 година, овојпат насловена како “КУМАНОВО - историја, уметност, традиција, култура“, повторно од Димитар Масевски и Миодраг Арсовски- Болто, со соработниците д-р Звонимир Николовски , Милисав Атанасовски и фотографите Скендер Шабани и Љубиша Зафировски. Тоа беше дополнето и изменето издание подготвено во духот на времето, повоените дејствија од 2001 година, со претходно договарање со компетентни автори од албанската и српската етничка заедница од Куманово, со единствена цел публикацијата да ги приближи луѓето и да не развива етничка нетрпеливост или омраза. Беше релативно скап проект, печатен во 2000 примероци, на четири јазици одделно, и тоа на македонски, албански, српски и англиски јазик. Чинам дека повеќето граѓани на Куманово и не знаат дека во градот има издадено таква публикација бидејќи се користи само за потребите на Општината и не е во продажба. Инаку, во финансирањето на овој проект учествуваа многу субјекти кои, за жал, не се забележани од издавачот, се разбира како знак на благодарност, а тоа беа повеќе амбасади, општината Куманово, Министерството за култура, повеќе стопански субјекти од градот и сл. Втората публикација е, исто така, мошне луксузно издание, во колор, со корици од тврд повез, колорна обвивка, на околу 500 страници. Инаку и двете монографии ликовно ги обликуваа двајца, во тој период најдобри ликовни и графички уредници во Македонија- првата, во 1996 година, Зоран Ризовски-Рижо и втората, во 2003 година, Кочо Фидановски.

Бидејќи споменатите две Монографии за нашиот град беа релативно големи, обемни по содржина и со многу детаљи, во 2004 година во издание на “Темплум” од Скопје беше издадена една монографска публикација од 83 колорни страници насловена како “Витражите на Куманово” од Димитар Масевски, која беше нарачана од овој издавач и всушност претставуваше есенција од двете претходни публикации, која во кратки црти , со специфичен јазик и стил ги даваше најосновните податоци и визии за Куманово.

И ова публикација имаше своја специфика бидејќи беше напишана на македонски јазик, но одредени поглавја беа напишани и на албански јазик, одредени и на српски јазик, како показ на етничката структура која егзистираше во Кумановско. Се разбира сите три јазика ги следеше англискиот јазик кој се појавува во ударните поглавја. Монографската публикација “Витражите на Куманово” од Димитар Масевски излезе и како второ издание кон крајот на 2006 година, овојпат на двојно зголемен број страници (172), целата во колор на квалитетен мат кундзрук, со тврди корици и квалитетна обвивка. И понатаму го задржа како основен македонскиот јазик, со “енклави” на албански и српски јазик, но овојпат паралелно и на англиски јазик.Инаку, оваа публикација, која авторот ја посвети на својот прерано починат син Игор Масевски, беше печатена во тираж од 7оо примероци во издание на Друштвото за наука и култура “Парадигма” од Куманово. Фотографиите главно беа на Марјан Јаневски-Шалајко, Скендер Шабани, Љубиша Зафировски и Драган Цветковски. Кога сме кај оваа публиккација за Куманово, треба да се напомене дека последните стотина примероци од истата имаат посебен додаток од 8 страници, кој е на некој начин Епилог на целата приказна за градот , а е изготвен во пресрет на 11 Ноември 2008 година, опфаќајќи ги содржините кои во градот изникнаа во последните неколку години. Со овие примероци оди и ЦД- ром со илустрации од градот и околината, подготвен од Марјан Јакимовски.

Поради малите тиражи на претходните две изданија на “Витражите на Куманово”, кон крајот на 2010 година беше издадено уште едно, трето дополнето и изменето издание на оваа популарна публикација , се разбира збогатена со нови сознанија , со нови фотографии, целосно обработен транзициски период и она што истиот го остави зад себе, како и преглед на сите први луѓе на градот и општината од турскиот период (колку се располагаше со податоци) па се до денес. За ова издание, кое овојпат е насловено како „КУМАНОВО- Време во времињата на Кумановскиот крај“, слободно можеме да кажеме дека е најдобро подготвена монографска публикација за Куманово, повторно двојазична, на македонски и англиски јазик, но и на албански, српски и ромски јазик во поедини делови од книгата. Во воведникот на овој труд авторот нагласува дека публикацијата затвора еден период во кој се ропствата, ослободувањето, развојот на градот и градење на неговиот идентитет, инаку препознатлив и различен од другите делови на Македонија, но и иницира почеток на промени кои ќе имаат силен одраз врз понатамошното чекорење на Куманово. Нешто што заличува на оние неколку стиха на Конески кој во песната посветена на Куманово , во еден нејзин дел ” објаснува” зошто повеќе не му се оди во Куманово. Последното издание е подготвено на 240 страници на квалитетен мат кундзрук, со тврди корици и убава обвивка, во тираж од 600 примероци.Овојпат фотографиите беа на покојниот Скендер Шабани, Марјан Јаневски-Шалајко, Кате Зафировска,Марјан Јакимовски и Љубиша Зафировски. Истото е подготвено и во електронско издание, на посебен ЦД-ром, збогатено со панорамски фотографии на Куманово и музика на бардот на македонското музичко дело, кумановецот Трајко Прокопиев.

***

Посебно тематски изданија за Куманово имаат издадено авторите Боро Чушкар, популарното “Борбено Куманово” кое го третираше напредното работничко движење и активноста на кумановскиот огранок на КПЈ, односно КПМ помеѓу двете светски војни, како и Стојко Николовски кој подготви едно фактографско издание за Куманово во времето од 1941 до 2001 година. Кога сме кај Стојко Николовски треба да се спомене дека истиот автор издаде една монографска публикација за просветното дело во Куманово, за докторите на науки кои потекнуваат од Куманово, како и едно интересно видување на авторот за видните кумановци, главно во 20 век

Овој прилог, пред се е во функција на информирање на пошироката јавност за монографските публикации кои за Куманово се напишани во последните стотина години.. Уште повеќе за она што кумановчаните го сторија и запишаа за својот град. Важно е граѓаните да знаат дека вакви трудови, во кои може да се следи развојот на овој регион, а пред се на градот Куманово, од Праисторијата и Антиката до денес, подготвени од квалификувани кумановци, постојат и можат да се ползуваат во Градската библиотека „Тане Георгиевски“ во Куманово и во Универзитетската „Свети Климент Охридски” во Скопје, се разбира за оние кои не беа во можност некое од овие неколку изданија да имаат во сопствената библиотека.

Димитар Масевски