Euro Colleague
Bucen Kozjak
13. 11. 2017 01:04

Фени триумфираше во Куманово по две продолженија

Фени триумфираше во Куманово по две продолженија

Екипата на Куманово забележа нов пораз во домашното првенство против тимот на Фени Индустри. По две продолженија тимот од Кавадарци извојуваше победа со резултат 115-116.

Тимот на Куманово имаше одличен старт на натпреварот и делуваше дека ги има надминато проблемите со кои се соочуваше во предходните натпревари. Со самоуверена игра стигнаа до 18 поени предност во два наврати.

Меѓутоа Фени покажа дека неслучајно го победи тимот на Карпош Соколи, па докажа дека е цврст и жилав противник кој треба максимално да се респектира. Нападот го диригираа пред се Јане Петровски кој подпомогнат од Андреј Магдевски успеваше да најде простор за шут за себе и своите соиграчи, кои успешно ги казнуваа сите шутеви за три поени. Куманово се обиде преку шутот за три поени да ја врати разликата, меѓутоа несекогаш обидите завршуваа успешно. Фени имаше поконкретен напад, и успеја по голема драма да го одведе натпреварот во продолжение. Марјан Јаневски по украдена топка имаше контра-напад за победа, меѓутоа кавадарчани успејаа да го изблокираат.

По првото продолжение Куманово имаше предност во текот на целиот екстра-период, меѓутоа Фени повторно стигна, Петровски ги погоди слободните фрлања, што значеше нови пет минути во Спортската сала во Куманово.

Во последниот период, Фени беше екипата што направи пет поени плус, а Куманово требаше да ја брка предноста. Куманово по кошот на Рејм имаше поен предност, меѓутоа во последниот напад Адам Мирковиќ погоди под кошот по асистенцијата на Јане Петровски, за конечни 115-116.

Јане Петровски со 29 поени и 7 асистенции беше најефикасен кај победникот и непогрешлив од линијата за слободни фрлања со осум погодени удари речиси сите пред крај на секој период а Андреј Магдевски придодаде 28 поени. За Куманово Грифин Рејм постигна 29 поени.

Се почуствува дека во Куманово недостасува барем еден играч во ротација, со кој домашниот состав би имал стабилна завршница. Проблем плус е и повредата на Александар Штерјов, кој доскокна лошо во третиот период и неможеше да игра до крајот на натпреварот, а неизвесен е и неговиот настап за следниот натпревар. Тешката серија продолжува, веќе во среда кумановчани го пречекуваат тимот на Рилски Спортис.