Bucen Kozjak
21. 04. 2017 10:48

Да го вратиме сјајот на Спомен костурницата, за почеток да ја исчистиме од смет

Да го вратиме сјајот на Спомен костурницата, за почеток да ја исчистиме од смет

Сите зборуваме за потребата за почиста животна средина,  утре e шанса тоа да го покажеме на дело, порачуваат  Кумановски акцијаши

Здружението за доброволна волонтерска работа „Кумановски акцијаши“, по повод Светскиот ден на планетата Земја, утре организира еколошка акција на Спомен костурницата на паднатите борци од НОБ.

„Сите зборуваме за потребата за почиста средина, за почист воздух, па ајде утре да се собереме на Споменик костурница. Со работа, дружење и разговор да размениме идеи каква животна средина сакаме, што можеме ние како граѓани да направиме, - порачува претседателот на Кумановски акцијаши Јусуф Љатифи.

Акцијата започнува во 9 часот на Споменик костурница, а се повикуваат сите граѓани, екологисти и љубители на природата, работно да го одбележат Денот на планетата Земја.

„Кумановски акцијаши„ планираат повеќе еколошки акции во наредниот период, со волонтерите, граѓаните, нашите колеги од другите здруженија од Македонија и соседството. Како посебна задача  е комплексот Споменик костурница, кој сакаме целосно да го уредиме, унапредиме и заштитиме од несовесните сограѓани. Целта е да ја вратиме функцијата на комплексот, не само како историски споменик на вековната борба на ова земја за слобода, туку и како рекреативно излетничко место, кое со својот просторен капацитет има услови за семејни дружења и организирање на културни манифестации„- додава Љатифи.

Поради незаинтересираност на државните и локалните власти, еден од најзначајните историски споменици и просторот околу него е целосно запуштен и оставен да пропаѓа. Наместо пријатно место за одмор, рекреација и спортување, сега е сврталиште на корисници на наркотични средства и вандали во ноќните часови, кои го уништуваат споменикот и урбаната опрема. Локалните власти, пред неколку години највуваа дека просторот ќе го осветлат и ќе го заживеат, но ветувањата останаа само на  хартија. Крајно време е покрај граѓанската иницијатива, за заживување на овој простор да се заложат и надлежните институции, додека некој не се сетил земјиштето да го продаде и приватизира, па наместо паркови и зеленило да добиеме индустриска зона или комплекс згради, како обично бива кај нас.

Да го вратиме сјајот на Спомен костурницата, за почеток да ја исчистиме од смет