Euro Colleague
Bucen Kozjak
05. 09. 2017 10:10

Дамјановски побара повеќе вложувања во образованието

Дамјановски побара повеќе вложувања во образованието

Градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски, побара од министерката за образование и наука Рената Треневска - Дескоска повеќе средства за подобрување на условите за работа во основните и средни училишта во градот.

Градоначалникот се пожали дека предходната власт го заобиколувала Куманово со инвестиции, поради што општината издвојувала сопствени пари за да ги подобри условите за работа во образованието.

 „Имаме реконструкција на повеќе училишта: „Јероним Дерада“ во Черкеско село, Вук Караџиќ, во училиштето во Сопот, Перо Наков на албански јазик и др. Осумдесет отсто од средствата се од буџетот на општината Куманово. Главниот проблем е обезбедување на основни услови на образовниот процес. Се надевам дека со вашето присуство и упорноста на владата и општината ќе направиме реaлни услови за нормален едукативен процес во Куманово“, – рече Дамјановски.

Министерката Дескоска најави во наредниот период подеднакви инвестиции во образованието независно од политичката определба на градоначалникот и локалната власт.

„Министерството за образование досега го оставило образованиот систем во Куманово без поддршка во делот на капиталните инвестиции. Јас најавувам како министер за образование дека целта на ова Влада е да не прави разлика меѓу градоначалници од власта и опозиција, бидејќи интересот на децата треба да биде пред се. Пристапот на помагање на општините во капиталните инвестиции треба да зависи од состојбата во која се наоѓаат училиштата, а не од тоа кој раководи со општината, односно кои се директори на училиштата“ – изјави Дескоска.

Таа рече дека нивната заложба за еднаквост се гледа во тоа што минатата недела објавиле оглас за вработување на наставници таму каде што има потреба.