Euro Colleague
Bucen Kozjak
12. 07. 2017 12:12

Дивите таксисти сериозен проблем во градот кој мора итно да се решaва

Дивите таксисти сериозен проблем во градот кој мора итно да се решaва

Поголема контрола и сузбивање на нелегалниот такси превоз во градот, бараат граѓаните на Куманово.

 Освен што се нелојална конкуренција на законските такси компании и градските лиценцирани превозници, дивите таксисти се најголеми предизвикувачи на сообраќајниот хаос во градот, бидејќи се паркираат каде ќе стигнат. Најчесто возат стари и технички неисправни возила, без клима уреди и минимални хигиенски услови во возилата, а не издаваат ни фискални сметки.

„Овие луѓе се дел од нашето секојдневие и никој со години не ги санкционира, ниту пак се обидува да ги тргне од улица. Тие наплаќаат од око, ако соберат повеќе патници возат колку што чини автобускиот билет.  Немаат фискални апарати, кога ќе им побарате сметка се правдаат дека во моментот апаратот им е на сервис. Се што ќе заработат оди во нивен џеб ништо не плаќаат на државата. Не ги контролира никој, дури не се знае дали сите имаат и возачки дозволи, - велат граѓаните.

Таксистите најмногу ги има на станиците кај Уред, на автобуската станица, кај џамијата, зелениот пазар и болницата,  доаѓаат пред автобусите и ги земаат патниците кои патуваат кон населбите.

Во Куманово има регистрирано околу 300 лиценцирани таксисти, а се проценува дека уште толку работат на црно.

Градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски признава дека дивите таксисти се сериозен проблем на градот, меѓутоа се правда дека не може да го реши само сообраќајната инспекција ако нема подршка и асистенција од МВР.

“Тоа е синхрозирина акција која треба да ја водат инспекциските служби од локалната самоуправа и сообраќајната полиција. Нашите односи во изминатите 11.5 години беа заникаде. Ние немавме никаква соработка за да дојдеме до крајната цел. Правевме неколку акции, меѓутоа тоа ќе потрае ден-два и потоа ќе се заборави, а за тоа треба континуитет. Ние немаме мандатни и извршни казни, немаме право да одземаме возила, тоа е обврска на МВР“, - изјави Дамјановски.

 Тој е оптимист дека новата влада ќе работи во согласност со законот и прописите на државно и општинско ниво, дека нема да се оди со популистички мерки, туку ќе се работи во интерес на граѓаните заради сигурен и безбеден такси превоз во градот. Општината нема доволен број на сообраќајни инспектори, само двајца, меѓутоа ветува дека мора да се воведе ред во такси превозот без оглед на се.

 Таксистите кои на овој начин заработуваат парче леб и ги прехрануваат своите семејства се  најчесто од најсиромашниот слој на граѓани: стечајни работници, млади невработени луѓе и пензионери со мали пензии, кои не се виновни за состојбата во која се нашле, но државата мора да најде начин да го реши нивниот статус и ги интегрира во системот.

Колку да се има разбирање за нивната тешка економска состојба и тие, како и другите граѓани, имаат обврска да придонесуваат за подобрување на вкупната економска состојба во општеството, - коментираат кумановци.