Bucen Kozjak
14. 11. 2017 18:27

Ковач 34 години чека нов дуќан, а државата и стариот го продала без да му каже

Ковач 34 години чека нов дуќан, а државата и стариот го продала без да му каже

Ковач од Куманово остана без дуќан кој го добил од Општината пред 34 години, откако го продало Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор.

Без најава, минатата недела сопственикот Насер Рамовски добил извршно решение во кое се бара да го напушти деловниот простор кај Автобуската станица бидејќи има нов газда, и да плати 1.000 евра оштета на претпријатието и на извршителот.

Таткото на Насер, познатиот кумановски ковач Рамо Алиевски, работилницата ја добил на користење 1983, кога заради изградба на булеварот Трета македонска ударна бригада во близина на зелениот пазар им била урната семејната куќа и ковачница. Тогашниот СИЗ им го доделил на користење без надомет дуќанот кај Автобуска станица, сѐ додека не изгради деловен простор на старата локација.

„Јас 34 години чекам да ми дадат дуќан кај зелениот пазар, а сега ме истераа на улица. Кога не го решија нашиот проблем барем да не остават овде. Никој не ме известил дека се продава, а дојдоа да ми кажат да се иселам. Излеговме доброволно, сами се иселивме, а сега ни стигна решение да платам 900 евра, и тоа 500 евра за присилно иселување и 400 евра награда за извршителот“, вели Рамовски.

Тој правдата ќе ја бара на суд и веќе ангажирал адвокат да си ја врати работилницата, бидејќи го има оригиналниот договор за дуќанот, а ќе се суди и за измислениот долг за присилно иселување. Случајот го пријавил и кај Народниот правобранител.

И додека стигне правдата, 12 членото семејство Рамовски останува без егзистенција, бидејќи ковачницата ги хранела. Се работи за стара градска ковачка фамилија, која со занаетот се занимава повеќе од 100 години.

„Откако ни го затворија дуќанот никој не работи. Ќе го потрошиме она што го имаме, а потоа не знам што не чека. Јас не сакам државата да ми дава социјална помош и да живејам на грбот на луѓето кои работат, туку си го сакам мојот труд и занает, кој го работам откако знам за себе. Од нашата работа не можеш да се обогатиш, ама за леб имаш“, вели Рамовски.

Тој додава дека и да најде дуќан на друго место не може да го плаќа, а локацијата покрај Автобуската станица најмногу одговара за неговиот занает, бидејќи нивните производи и услуги ги користат главно луѓе од селата.

Разочарано, апелира до државата и надлежните институции да му помогнат да го реши проблемот и да не дозволат традиционалните занаети кои се во изумирање, во целост да ги снема.

                                       (СДК.мк)