Bucen Kozjak
15. 06. 2017 22:26

Кумановци ги испокршија возилата по раскопаните улици

Кумановци ги испокршија возилата по раскопаните улици

 Автомобил „Сеат“ со кумановски регистарски таблички денеска напладне пропадна во дупка од исечен асфалт на улицата „11 Октомври“ во близина на Противпожарниот дом во Куманово.

Возачот во обид да сврти на една од споредните улици со предниот дел од возилото паднал во прекоп, кој го направила градежната фирма заради поставување на канализациона мрежа.

„На местото каде што свртев немаше никаков знак ниту заштитна ограда. Не знаев дека дупката е толку длабока, тркалото се лизна и пропадна. Се е скршено во предниот дел на колата. Како може во центарот на градот да се остави вака не заштитена дупка не можам да сфатам. Има ли надзор фирмата што ги копа улиците, води ли некој ред што се прави во градот и за граѓаните или се е дива лига, - прашува револтирано сопственикот на возилото.

Тој најави дека ќе го тужи градот и фирмата поради надомест на штета за скршеното возило.

Станарите од соседната зграда му рекле дека од утрината пет возила паднале во дупката, но дека тој најлошо поминал. На лице место беше излезена екипа на сообраќајната полиција и го регулираше сообраќајот, а додека бевме на терен пристигна и претставник од фирмата што ги изведува градежните работи.

Граѓаните секојдневно се жалат дека ги испокршија возилата по кумановските улици, бидејќи поради реализација на проектот за ревитализација на канализационата мрежа со недели стојат раскопани и не се безбедни за сообраќај. На повеќето од улиците градежните активности се запрени, а кога ќе продолжат и кога целосно ќе завршат никој не кажува. (Фото Kumanovonews.mk)

Кумановци ги испокршија возилата по раскопаните улици