Euro Colleague
Bucen Kozjak
12. 09. 2017 08:39

Никако да се реши проблемот со народната кујна во Куманово

Никако да се реши проблемот со народната кујна во Куманово

Повеќе од 6 месеци е затворена народната кујна во Куманово и Старо Нагоричане, бидејќи  откако поминаа парламентарните избори дојдоа локалните, па нема кој да ја спроведе јавната набавка.

 Министерството за труд и социјална политика и Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Куманово вината ја префрлаат на предходното раководство, но и по три месеци откако тие се на власт работата тапка во место и нема изгледи дека ќе се реши до крајот на годината, пишува СДК.мк.

„Јас ја известив Вадата. Не е само во Куманово, истото ни се случува и во Велес, поради тоа што Центрите за социјални работи биле оставени без одговорно лице за јавни набавки, а ако немате лице одговорно за јавни набавки вие не смеете да спроведете јавна набавка. Затоа, сега директорката е во обид да се поврзе со центар за социјална работа од друг град, тие да спроведат јавна набавка и за Куманово. Штом ќе се случи таа работа граѓаните ќе си ја добијат храната којашто им следува“, изјави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Храната за народната кујна 9 години се подготвувала во Ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“ во Куманово и договорот завршил на 15 февруари годинава, а во меѓувреме не бил распишан нов тендер ниту е продолжен договорот. Предходното раководство на Центарот за социјални работи се правдаше дека се нашле во ќорсокак поради политичката криза во државата и одржувањето на парламентарните избори.

Министерката Царовска вели дека тогаш договорот можел да се продолжи, но не и сега бидејќи се пред избори.

„Да не заборавиме дека тука готвела јавна установа, но најверојатно поради различни економски интереси е тргната. Ако се сакало да течат работите таа можела да продолжи да готви и граѓаните би имале храна, но прекинат е тој договор, а не е склучен нов со економски оператор и затоа граѓаните патат. Ние не можеме да го надминеме овој проблем, поради тоа што кога еднаш е прекинат договорот ние влеговме во избори, а пред тоа немавме лице кое смееше да спроведе јавни набавки во општина Куманово“, додава министерката Царовска.

И додека надлежните институции се правдаат, над 230 корисници од Куманово и Старо Нагоричане од најсиромашниот слој граѓани се гладни и се оставени сами да снаоѓаат како знаат и умеат да се прехранат. Помладите бараат храна по контејнерите, а болните и децата буквално гладуваат.

„Од избори до избори, политичарите во фотељи, а ние по контејнери. Кога требаше да гласаме ни викаа кога ќе дојде Заев одма ќе ни пушти јадење. Сега нема никој да ни каже што ќе биде со нас. Просиме по улица, збираме од контејнери“, вели еден од социјалците, кој постојано нѐ прашува дали знаеме кога ќе проработи народната кујна.

Покрај контејнерот кај Градската џамија најдовме мајка на 6 деца. Таа вели дека дошла да проси од верниците кои се на молитва, а претураше по сметот.

„Пишете, нема што да јадеме. Додека земавме храна од народната кујна добро беше. Околу пладне свекрва ми ја земаше храната и сите јадевме дома. Имаше секој ден готвено, чорба со месо, салата, леб. Добро беше и за децата ги храневме редовно, сега нема“, вели жената која во раце држеше неколкумесечно бебе, а покрај неа беа уште две. Кажа дека е свесна  за опасноста од зараза од нечистотијата, но тврди дека нема друг извор на егзистенција.

Состојбата е многу потешка на жителите во селата во Старо Нагоричане, бидејќи таму се главно постари и болни жители, кои немаат можност да купат нешто за јадење или да просат.

Храна во Куманово се делеше на два пункта на народната кујна во просториите на месна заедница покрај Музичкото училиште и кај зелениот пазар на булеварот Октомвриска револуција, а за корисниците на Старо Нагоричане во Ученичкиот дом во селото Драгоманце. Од понеделник до петок корисниците добиваат готвено јадење, а за викенд сува и конзервирана храна.

Над 200 корисници од Куманово и 27 од Старо Нагоричане влегоа во програмата на Министерството за труд и социјална политика, од вкупно 4.500 корисници на социјална помош во двете општини.