Bucen Kozjak
02. 12. 2017 17:13

Одржана комеморација за новинарот Столе Божиновски

Одржана комеморација за новинарот Столе Божиновски

Членови на семејството, пријатели и колеги, денеска на комеморативна седница се простија од доајенот на кумановското новинарство Столе Божиновски, која се одржа во салата на Комитет.

Комеморацијата ја организираше Регионалниот центар на здружението на новинари од Куманово, а пред присутните се обрати и сочуство упатија во име на новинарите Фросила Лазаревска, од ветераните Борко Стојановски и од семејството неговиот син Зоран Божиновски.

„Ме научи никому да не се покорувам и целиот свој работен век ме гонеше од таа професија затоа што знаеше во што се впуштам. Мислев дека треба да продолжам на свој начин таму каде што тој застана или насилно го спречија. Го скрши моето приведување и насилно екстрадирање од Србија, на судењата кои јас ги претворив во фарса тој постојано се грижеше што ќе биде со мене“, - рече Божиновски.

Лазаравска, истакна дека Столе Божиновски, беше учител на помладите колеги, кој постојано се бореше за подобра положба на новинарите и правото на слободен говор, додека Стојановски потсети дека важеше за остро новинарско перо, кое знаеше да удри по сите поединци и институции во државата без разлика на која партија припаѓаат.

Божиновски почина во четврток попладне по кратко боледување на една од Скопските клиники на 75 годишна возраст.

Роден 1942 година во Довезенце и на две годишна возраст останал сираче, откако татко му како партизан загинал во борбите во кумановско. Бил сместен во дом за деца без родители, а по завршување на основното училиште и учителската школа, десетина години работел како учител. Со отворањето на Радио Куманово и Наш весник се вработил како новинар, а својата професионална кариера ја градел во Телевизија Куманово, беше новинар-дописник на „Вечерње новости“, „Политика Експрес“ и „Утрински весник“.

Божиновски денеска беше погребан на градските гробишта во Куманово.

Одржана комеморација за новинарот Столе Божиновски