Euro Colleague
Bucen Kozjak
13. 09. 2017 10:51

СДСМ на конференција ќе ги утврдува предлозите за градоначалник и листа на советници

СДСМ на конференција ќе ги утврдува предлозите за градоначалник и листа на советници

Општинската организација на СДСМ вечерва ќе одржи конференција на која делегатите ќе се изјаснат за предлог кандидатот за градоначалник и за предлог листата на советници за престојните локални избори.

Централното партиско раководство одлучи кандидат за градоначалник да биде Максим Димитриевски, додека носител на советничката листа e Атина Мургашанска.

Дали ќе се обедини поделеното членство околу Димитриевски, кое кулминираше со жестока кампања на социјалните мрежи во изминативе 2-3 недели ќе се види на вечерашната конференција.

По објавувањето на кандидатурата на Димитриевски, незадоволни од решението се подржувачите на неговите против кандидати Дамјановски, Арсиќ и Николиќ.

Сопартијците и соработници на Дамјановски, меѓу кои и невладини организации и партии од етнички заедници, вршеле силен притисок тој да биде кандидат на некоја од помалите партии.

„Вистина е тоа што сте го чуле. Голем бој на граѓани овие два дена ме контактираат и даваат свои размислувања, се со цел да бидам кандидат на некоја од помалите партии, - изјави Дамјановски без да прецизира дали ќе прифати или не.

Во општинската организација на СДСМ пред секои избори имало фракции и големи поделби, но немало последици врз резултатите на локалните избори.

До утре на полноќ, истекува рокот во кој партиите или независните кандидати можат да и поднесат своите кандидатури до Општинската изборна комисија (ОИК) за учество на престојните локални избори, кога и официјално ќе се знае кој ќе влезе во предизборната трка и ќе ја бара довербата на граѓаните.