Bucen Kozjak
22. 09. 2017 15:30

Се поплочува коритото на Липковка

Се поплочува коритото на Липковка

Интензивно се работи на поплочување на речното корито на реката Липковка, на локалитетот Водовод во Куманово.

 Проектот за регулација на речното корито е проект на УНДП и Општина Куманово, кој чини над 1 милион евра. Парите ги обезбеди јапонската влада, Министерството за екологија и локалната самоуправа.

„65 проценти од средствата се донација, а останатите 35 проценти од министерството и локалната самоуправа. Општината учествува со 250.000 евра. Работите ќе се завршат во три етапи и проектот ќе биде готов до крајот на годината. Со регулацијата ќе бидат опфатени 1800 метри од Митев мост до автопатот“, - изјави градоначалникот Зоран Дамјановски.

 Веќе десетина дена се изведуваат градежни работи на првата делница во должина од 178 метри, од вливот на двете реки кон мостот во Средорек.

„Во моментот се поплочува десната страна и дел од дното, а од понеделник работите ќе продолжат на левата страна на коритото. Се реди кршен камен на цемент и малтер. Останатиот дел ќе биде со армирани бетонски ѕидови“, - велат надлежните кои ги најдовме на терен.

Покрај регулација на речното корито, ќе биде уредено и зеленилото во Стариот градски парк и покрај зградите на Октомвриска револуција, а предвидена е изградба на два пешачки моста.   

Се поплочува коритото на Липковка