Bucen Kozjak
18. 12. 2017 11:21

Ваши писма: Сообраќајната инспекција ги казнува таксистите наместо компаниите

Ваши писма: Сообраќајната инспекција ги казнува таксистите наместо компаниите

Во нашата редакција пристигна писмо на читател, кој се жали на работата на сообраќајната инспекција. Писмото го објавуваме во целост.

Општинскиот инспектор по сообраќај откако се смени Советот почна по нешто, колку толку да работи. Досега, од 2001 па наваму, не направи ниту еден добар чекор во интерес на подобрување на градскиот метеж, регулирање на сообраќајот, паркирање, ефикасни едносмерни улици, регулација на семафорите, паркирања на најфрекфентните улици, прегледност на раскрсниците итн.

На неговиот нов пристап кон решавање на проблематиката не има неколку жртви. Инспекторот наместо да ги брка и слика крадците на патниците во јавниот сообраќај (необележените такси превозници) тој на негов својствен начин доаѓа на обележените такси постојки и од таксистите бара ЛИЦЕНЦА за возилото, кое е обележено за вршење на таа дејност. Значи од работниците, а не од сопствениците на компаниите. По негова логика вината за лиценца ја носи работникот, а не сопственикот на компанијата, со тоа што целата глоба ја плаќа работникот, а фирмата и понатаму останува со нелиценцирани возила, кои пак работат кога инспекторот не е на работа.

 Се прашувам да бевме во градежниот сектор дали лиценца за градба инспекторот ќе бараше од работникот или од сопственикот на компанијата?! Со ваков пристап пак останува по старо, проблемот не е решен, а ниту Општината ќе ја наплати глобата, бидејќи повеќето од нас сме мизерни и немаме ниту трансакциски сметки, а не некаков капитал. Само можат да не натераат да вадиме трансакциски сметки вон државата каде што ќе си ја бараме живеачката.

Треба некој да се запраша како за 15 години не се реши проблемот со крадење на патници во јавен превоз и секогаш се наоѓаа по 2-3 жртви колку да се каже дека инспекцијата нешто работела. Срамота е фирмите да се штитат, а тие се виновници што држат работници на црно.

Ако гласавме за ЖИВОТ ВО МАКЕДОНИЈА со ваков пристап ја утнавме работата!

                                (автор Бобан Деспотовски, Куманово)