Euro Colleague
Bucen Kozjak
17. 07. 2017 13:21

Започна регулација на речното корито на Липковка

Започна регулација на речното корито на Липковка

Со регулација на речното кориото од автопатот до вливот на реката Кумановка, ќе се реши деценискиот проблем на излевање на реката Липковка во населбите покрај стадионот Башкими, во стариот градски парк и Средорек

Започна реализација на проектот на УНДП за регулација на реката Липковка во Куманово во должина од 1.8 километри. Проектот предвидува продлабочување и проширување на речното корито, поставување на бетонска подлога и поплочување со камен, изградба на мостови и пешачки патеки на одредени локации. За целосна реализација потребни се 1 милион евра, по 200.000 евра обезбеди Министерството за животна средина и општина Куманово, а останатите УНДП преку странските амбасади.

„Денеска започнуваме со првата фаза, а паралелно оди постапката за распишување на тендерот во втората фаза и потоа третата фаза која е и најтешка, изградба на мостови и регулација околу стадионот Башкими. Планирано е проектот да се заврши до крајот на годината, се надевам дека нема да имаме пропусти и некои застои. Ова е еден од најголемите проекти што се реализира во Куманово во изминатиот период и претставува витален проект за решавање на проблемот со излевање на реката Липковска, посебно во населбата Средорек, - изјави градоначалникот Зоран Дамјановски.

Постојаниот претставник на УНДП Лујза Винтон, истакна дека приоритет на УНДП се проекти за спречување на последиците од природни катастрофи не само за Куманово, туку и во целата држава, затоа што претставуваат голем ризик за животот на луѓето.

„Ми претставува задоволство што ќе работиме на спречување на поплавите затоа што жртви на ваквите природни непогоди се луѓето кои најмалку можат да си приуштат да се справат соодветно со ваквите непогоди. УНДП се гордее што само во неколку месеци можееше да премине од проект-идеја до реализација и имплементација на овој проект, кој се реализира со извонредната соработка и партнерство со општината Куманово и Министерството за животна средина и нашиот донатор Владата на Јапонија - изјави Винтон.

Со регулација на речното кориото од автопатот до вливот на реката Кумановка, ќе се реши деценискиот проблем на излевање на реката Липковка во населбите покрај стадионот Башкими, во стариот градски парк и населбата Средорек. Новоизградениот дел ќе се спои со постоечкиот уреден Градски кеј, кој е најпосетено место за рекреација во градот.

 На отпочнување на проектот присуствуваше јапонската амбасадорка Кеико Канеда и Садула Дураку, министер за животна средина, кои го поздравија проектот и најавија соработка на слични проекти и во наредниот период.

Започна регулација на речното корито на Липковка